Вработените во Германија сѐ почесто се на боледување. Анализата на податоците од здравственото осигурување BKK покажува кои болести се најчести – и во кои региони особено многу луѓе изостануваат од работа поради болест.
Во еден велнес-хотел во регионот Харц се вработени 173 лица. Директорот Петер Виндхаген објаснува дека овој период од годината претставува голем проблем: сѐ повеќе работници се разболуваат. Тој вели дека бројот на денови на боледување од 2019 година речиси се удвоил. Некои, додава тој, земаат боледување и за поблага настинка, пишува Дојче веле (DW).
„Мислам дека некои воопшто не се свесни дека предизвикуваат економска штета кога одат на боледување“, нагласува Виндхаген, но додава: „Секако, важно е човек да оди на лекар ако се чувствува болен“.
Зголемената стапка на боледувања не ја забележува само тој. Од 2021 година бројот на пријавени боледувања во BKK значително се зголемил. Анализата опфаќа податоци од пет милиони осигуреници.
Најчести болести
Многу денови боледување се должат на заболувања на мускулно-скелетниот систем, како болки во грбот или артроза. И покрај стареењето на работната сила, овие бројки се релативно стабилни.
Голема улога имаат и психичките нарушувања – тие постојано растат и најчесто предизвикуваат долги отсуства од работа.
Во 2022 година е забележан значителен скок кај болестите на дишните патишта – вклучително и ковид, грип и класична настинка – а високите бројки продолжиле и потоа.
Зошто растат боледувањата од респираторни инфекции?
Постојат повеќе причини. Во тој период Германија ја воведе електронската потврда за неспособност за работа (eAU), што значи дека пациентите повеќе не мора сами да доставуваат документи – сѐ се праќа автоматски. Податоците затоа се попрецизни.
Друг фактор е т.н. „ефект на надоместување“, објаснува Лајф Ерик Сандер, директор на инфектологија во болницата „Шарите“ во Берлин. Болестите што не можеа да се шират за време на пандемијата – поради изолации и маски – подоцна предизвикаа поголеми бранови инфекции.
Покрај тоа, луѓето станале почувствителни:
„Сега, ако некој има респираторна инфекција, а не може да работи од дома или е премногу болен, повеќе сака да земе боледување – за да не ги зарази колегите“, вели Сандер.
Со ковид-19 се појави уште една сериозна болест на дишните патишта – која предизвикува сличен број боледувања како сезонскиот грип и секоја година претставува товар за економијата.
Големи регионални разлики
Податоците од 2024 година покажуваат значајни разлики меѓу германските покраини. Разликата помеѓу регионот со најмногу и оној со најмалку денови боледување изнесува речиси десет дена.
Во Баден-Виртемберг осигурениците на BKK имале просечно 18,5 дена боледување, додека во Сарланд и Саксонија-Анхалт дури 28 дена.
Психологот Хендрик Берт од Универзитетската клиника во Дрезден вели дека причините се сложени, но делумно поврзани со работните услови. Економски посилните компании на југот на Германија може да си дозволат подобри услови за работниците и често нудат бенефиции како членарини за фитнес.
Кој најмногу, а кој најмалку оди на боледување?
Најмногу денови боледување имаат работниците во чистење, транспорт, логистика и производство. Чистачите, на пример, годишно поминуваат повеќе од еден месец на боледување, најчесто поради заболувања на мускулно-скелетниот систем.
Најмалку се разболуваат менаџерите, ИТ-специјалистите и научниците – информатичари, биолози, геолози.
Сандер објаснува и дека болестите можат да се надоврзуваат една на друга:
„Ако веќе постои поголем психички товар, а се додаде и респираторна инфекција, побрзо се доаѓа до неспособност за работа.“
Тој и неговиот тим анализираат милиони здравствени податоци. Трендовите покажуваат дека заразните болести, меѓу нив и респираторните инфекции, можат да предизвикаат срцеви проблеми. Тоа е толку јасно потврдено во меѓународните студии, што европските кардиолошки здруженија неодамна препорачаа вакцинирање – на пример, против грип или пневмококи – како дел од превенцијата од срцеви заболувања.

