Нов инцидент кај гимназијата „Јосип Броз-Тито“ – пешак повреден на обележан премин

Во центарот на Скопје вечерва се случи уште една сообраќајна незгода на пешачкиот премин пред гимназијата „Јосип Броз-Тито“. На социјалните мрежи се појави видео-снимка направена непосредно по ударот, на која се гледа повреден маж како седи на коловозот, додека случајни минувачи се обидуваат да му укажат прва помош и да го смирaт до пристигнувањето на Брзата помош, објави Скопје1.мк.

Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјални податоци ниту за причините што довеле до несреќата, ниту за степенот на повредите кај пешакот.

Овој инцидент повторно го отвори прашањето за безбедноста на истиот премин, каде што пред помалку од еден месец беше прегазена жена од возач на теренец, кој побегна од местото на настанот, но подоцна беше уапсен на пат кон Средно Водно.

Жителите на општина Центар и родителите од околните училишта со години алармираат дека локацијата е критична, особено ноќе, и бараат трајни мерки кои ќе ја зголемат безбедноста и ќе спречат нови трагедии.

Зачлени се на нашиот е-билтен