Трансродната спортистка Џејми Букер од САД остана без титулата Најсилна жена на светот откако организаторите утврдија дека е биолошки маж. Скандалот го потресе најновото издание на натпреварот “World’s Strongest Woman”, одржан на 23 ноември во Арлингтон, Тексас.
Букер првично победи со само еден бод пред Британката Андреа Томпсон, која од протест го напушти подиумот во моментот додека Американката славеше. По проверките, организаторите ѝ ја одзедоа титулата на Букер, а Томпсон беше прогласена за победничка, пренесува index.hr.
Томпсон за BBC Sport изјави:
„Натпреварот беше засенет од некој што не требаше да биде таму. Бев многу разочарана и лута. Лажеше, беше нечесна и им одзеде многу на многу жени.“
Организаторите: Мора да обезбедиме фер натпреварување
Од Official Strongman соопштија дека натпреварувачите може да се натпреваруваат само во категоријата што одговара на нивниот биолошки пол запишан при раѓање, додавајќи дека спортистката е дисквалификувана затоа што „е биолошки маж“.
Во нивното соопштение стои:
„Official Strongman е инклузивен и горд организатор на настани што не дискриминираат спортисти врз основа на лични карактеристики. Секој спортист е добредојден. Но наша обврска е да обезбедиме фер натпреварување и правилно распоредување во машка или женска категорија, зависно од биолошкиот пол при раѓање.“
Интересно е што Букер оваа година победи и на Rainier Classic во јуни, а во јули беше втора на North America’s Strongest Woman.

