Во сабота 31-ви „Марш на ангелите“ во Кочани: Повик за правда, достоинство и човечност

Оваа сабота, 29 ноември 2025 година, во Кочани ќе се одржи 31-то издание на „Маршот на ангелите“ – симболичен и тивок чин на солидарност, што во последните години прерасна во едно од најзначајните граѓански собири за правда и човечко достоинство.

Маршот ќе започне во 14:05 часот од Паркот на револуцијата, со силната порака да се чекори „со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“. Организаторите потенцираат дека станува збор за мирен марш, а не за протест, чија цел е да потсети дека зад секој судски предмет стојат човечки животи, семејства и болка која не исчезнува.

Паралелно со текот на судскиот процес, тие упатуваат јавен повик до сите граѓани кои веруваат во правдата и човечноста да се придружат и оваа година, истакнувајќи дека важноста на маршот не е само во чекорењето, туку во колективната порака.

„Нашата порака е јасна: За нашите деца. За вистинска правда. За Македонија со совест“, стои во повикот.

Организаторите додаваат дека е неопходно општеството да покаже дека не молчи пред неправдата и дека постои народ кој не се откажува од вистината. Маршот, велат тие, е токму тоа – тивко, но гласно потсетување дека правдата мора да има човечки лик.

Зачлени се на нашиот е-билтен