Австрискиот дневен весник „Штандард“ пишува дека Владата на Србија пропуштила во изминатите месеци да најде решение за проблемот со санкциите кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), поради што сега е под притисок и од САД, и од Русија. Според весникот, Кремљ не сака да го продаде својот удел во компанијата затоа што тој му обезбедува политичка контрола врз Белград.
„Владата на Србија сама е виновна за зависноста од Русија, бидејќи во 2008 година државата му продаде 51% од НИС на „Гаспром“ за смешно ниска цена од 400 милиони евра. Со тој договор, Белград практично купи гаранција дека Кремљ ќе го искористи својот вето-право во Советот за безбедност на ООН за да го спречи членството на Косово“, пишува „Штандард“.
Весникот потсетува дека Србија важи за еден од најблиските европски сојузници на Кремљ и дека политичката зависност доаѓа директно преку енергетиката. Поради тоа, претседателот Александар Вучиќ е под силен меѓународен притисок – и од Москва, и од Вашингтон.
Во текстот се наведува и дека кружат шпекулации дека „Гаспром“ би можел да основа компанија во Абу Даби и преку неа сам да си го откупи уделот во НИС, избегнувајќи директна продажба.
„Зависноста од Русија буди страв дека Кремљ може да ѝ ја затвори славината со гас на Србија, бидејќи и снабдувањето со гас е целосно врзано за Русија“, оценува весникот.
„Штандард“ додава дека „автократскиот режим“ на Вучиќ е под притисок и поради масовните демонстрации во земјата, како и поради меѓународните написи дека наводно бил вмешан во доведување странци подготвени да дејствуваат како снајперисти околу Сараево во текот на војната.
Весникот потсетува и дека Вучиќ неодамна изјави дека тој лично „никогаш не пукал“ и дека на снимките се гледа дека не носи автоматска пушка, туку статив – коментирајќи дека претходно тврдел дека тоа бил „чадор“.

