Општина Центар урна уште една дивоградба во Дебар Маало

Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов” бр. 139 во Дебар Маало, информираат од општината.

Конструкцијата, со димензии 15 x 5,7 метри, била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.

„Јавните површини  во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Градежниот инспектор издаде решение со кое на инвеститорот „Екотон  Дизајн” му беше наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапи по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.

„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти.

Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“ велат од Општина Центар.

Пред неколку денови исто така во Дебар Маало од страна на општината беше урната дивоградба на еден познат ресторан.

Зачлени се на нашиот е-билтен