Институтот за јавно здравје утврди присуство на бактерии од групата Enterobacteriaceae на три чешми и во храната што ја консумирале учениците во Основното општинско училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската општина Карпош. Анализите на земените примероци од кујната и работните површини упатуваат на значителна нехигиена, која според експертите е најверојатната причина за масовното појавување симптоми на труење кај голем број ученици.
На прес-конференција, в.д. директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, соопшти дека дел од земените материјали потврдиле и присуство на норовирус кај едно дете. Станува збор за високо пренослив вирус кој може да предизвика идентични симптоми како оние што ги пријавиле заболените ученици, а познат е по тоа што долго опстојува на работни површини, маси и столчиња.
Покрај тоа, кај една вработена е утврдено присуство на бактеријата Staphylococcus aureus, што дополнително го засилува сомнежот дека изворот на контаминација е поврзан со хигиенските услови во училиштето и кујната.
Од Клиниката за детски болести денеска информираа дека бројот на хоспитализирани ученици е зголемен од пет на седум деца, откако биле примени уште двајца ученици со симптоми идентични на претходните случаи. Од клиниката наведуваат дека сите седум деца се во стабилна состојба.
Институтот продолжува со дополнителни анализи, а надлежните институции очекуваат конечниот извештај да даде појасна слика за изворот на заразата и за потребните мерки што училиштето ќе мора да ги преземе.

