Во извештајот по повод 1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА, Институтот за јавно здравје информира дека 2025 година (заклучно со 27.11.2025), пристигнати се пријави за 38 новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА во Македонија, што претставува инциденца од 2,1 на 100.000 жители. За споредба, инциденцата во земјите на ЕУ/ЕЕА во 2024 била 5,3/100.000 жители.
Бројот на случаи во 2025 година е помал за 25,5% споредено со истиот период од 2024 година кога беше регистриран 51 случај (заклучно со 27.11.2024).
Од случаите во 2025 година, најголем дел (n=15) се со место на живеење во Скопје со инциденца од 2,5/100.000 жители. Останатите случаи се регистрираат како спорадични случаи во 14 градови од Македонија. Еден случај во 2025 е странски државјанин.
Во 2025 година, регистрирани се 8 смртни случаи поврзани со СИДА.
Во 2025 година, од регистрираните случаи, 37 се од машки пол, еден од женски пол.
Возраста на случаите не отстапува значително од возрасната дистрибуција од предходно пријавените случаи. Просечната возраст на новите случаи е 35 години, а е во опсег од 23 до 64 година, 73,7% од случаите се на возраст од 20 до 39 години.
Од анализата на пристигнатите пријави, од тие со достапен податок, се забележува дека во однос на веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, регистрирани се 5 лица со хетеросексуална трансмисија и 29 лица од МСМ (мажи што имаат секс со мажи) популацијата.
Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 447 регистрирани случаи регистрирани се 33 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,4%.