Иако старосната граница за пензионирање останува иста – 64 години за мажи и 62 години за жени – пензионерите и понатаму живеат со впечаток дека се заборавени и дека секоја година ги чека нова борба со поскапувањата. Формално гледано, пензискиот систем функционира, но реалноста за оние што ја изработија државата е многу поинаква.
Надлежните институции уверуваат дека линеарното зголемување на пензиите служи за заштита од растечките трошоци на живот, но бројките раскажуваат многу посурова приказна. Според официјалните податоци, пензионерите не се најсиромашната категорија во земјата – но нивниот стандард е меѓу најзагрозените. Без исплатата на пензии, 40 проценти од македонските домаќинства би паднале под границата на сиромаштија. Тоа е јасен сигнал дека пензиите станале последниот штит на илјадници семејства.
Сепак, токму оние кои со децении вложувале во системот сè почесто чувствуваат дека ги добиваат само трошките. Линеарните покачувања носат исти износи за сите – без оглед дали некој зема минимална или значително повисока пензија. Така најранливите повторно остануваат најоштетени. Наместо вистинска корекција што ќе го заштити најсиромашниот слој од пензионерите, секој добива еднакво, а резултатот е дека несразмерно многумина едвај ги покриваат основните трошоци.
И покрај тоа што пензиите ја подобруваат општата слика за сиромаштијата, животот на терен кажува нешто друго: трошоците растат побрзо од усогласувањата, а здравствените издатоци – кои најсилно ги погодуваат постарите лица – се меѓу највисоките ставки во домашниот буџет.
Пензионерите прашуваат што добиле за децениските уплати во систем кој денес успева да ги задржи над линијата на сиромаштија, но не успева да им обезбеди достоинствена старост. Бидејќи без оглед на официјалните пресметки, реалниот животен стандард покажува дека многумина мора да штедат на лекови, храна, па дури и на основни потреби за да „истераат“ месец.
Во Предлог-буџетот за 2026 се предвидуваат над 1,9 милијарди евра за исплата на пензии, но со години наназад значителен дел од парите недостигаат и се покриваат од државниот буџет. Тоа буди дополнителна несигурност меѓу пензионерите, кои со право се прашуваат колку долго може да се одржува ваков модел без вистинска реформа.
Пензионерите не бараат ништо повеќе од фер третман и вистинско вреднување на својот труд. Но додека трошоците растат, а покачувањата остануваат недоволни, чувството дека се оставени на милост и немилост на системот станува сè посилно.
Тие порачуваат: доста беше симболични усогласувања. Време е за решенија што конечно ќе го вратат достоинството на генерацијата која ја изгради земјата.