Есенската топлина кратко ќе потрае – вистинската зима пристигнува кон крајот на месецот

Првите декемвриски денови ќе донесат вистински метео пресврт. Иако периодот што претстои ќе наликува на доцна есен, со невообичаено високи температури кои локално ќе достигнат и до 15 степени, ваквата пролетна атмосфера ќе биде само кратко здивнување пред вистинскиот зимски удар.

Според прогнозите, утрото ќе остане студено, со температури од 0 до 5 степени и појава на мраз и магла, но преку ден максималните вредности ќе бидат драстично повисоки од сезонските.

Сепак, веќе кон крајот на првата и почетокот на втората декада од декември се очекува постепен пад на температурите и услови за повремени врнежи од дожд, а локално не е исклучена ниту појава на снег. Тоа ќе биде вовед во поизразениот зимски период што допрва следи.

Метеоролозите предупредуваат дека околу 20 декември ќе започне навлегување на студени воздушни маси од Русија, Сибир и Арктикот. Овој продор ќе се спушти преку Централна Европа, а потоа ќе се прошири и кон нашиот регион, носејќи значително заладување и први сериозни ледени денови. Феноменот, познат како „ѕвер од исток“, е веќе најавен и од европските експерти на Severe Weather Europe.

Најстудениот бран се очекува во третата декада од месецот. Врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а температурите ќе паднат длабоко под нулата. Околу Божиќ максималните дневни температури ќе се движат меѓу -2 и 3 степени, додека утринските ќе се спуштат до -7.

По краткиот почетен топол бран, декември на крајот ќе ја покаже својата вистинска зимска природа.

Зачлени се на нашиот е-билтен