Нападнат руски товарен брод во близина на Турција – Ердоган со предупредување до сите страни

Товарен брод под рускo знаме, кој превезувал сончогледово масло од Русија кон Грузија, пријавил дека бил нападнат во близина на турските територијални води, соопшти денес турската Управа за поморство. Ниту еден од 13-те членови на екипажот не е повреден.

Бродот MIDVOLGA-2 јавил дека нападот се случил околу 130 километри од турскиот брег, но не побарал помош и продолжил да плови кон пристаништето Синоп. Турските власти не наведоа детали, но медиумите јавуваат дека најверојатно се работи за напад со камиказе-дрон.

Од Анкара соопштија дека „потребните пораки“ биле испратени до сите релевантни страни, вклучително и до украинските власти.

Зголемен притисок врз руската нафтена индустрија

Инцидентот следи по нападите на украинските поморски дронови врз два танкера во Црното Море во петокот — бродови под санкции кои требало да товарaт руска нафта за странски пазари. Киев ја зголемува кампањата за погодување цели поврзани со руската нафтена инфраструктура.

Ердоган: Нападите врз цивилни бродови се неприфатливи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нападите врз комерцијални бродови во Црното Море се „целосно неприфатливи“ и упати предупредување до „сите вклучени страни“. Турција, како членка на НАТО, од почетокот на војната одржува балансирани односи и со Москва и со Киев — ѝ даде воена поддршка на Украина, но не се приклучи на западните санкции против Русија.

Анкара досега организираше три круга преговори меѓу двете страни и повторно нуди да биде домаќин на потенцијална средба на лидерско ниво. Турција бара и засилени мерки за безбедност на пловидбата во Црното Море, каде ги дели морските граници со Русија и Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен