Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против З.Т. и К.Д., поради постоење основи на сомнение за сторно кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик, пишува во билтенот на МВР.
Двајцата пријавени, полициски службеници во Полициската станица Кочани при СВР Штип, при извршување на службени задачи на 07.09.2025 година во врска со пријава за гласна музика, влегле во дворот на лицето пријавено за пуштање на гласна музика и без да бидат исполнети условите за употреба на средства за присилба, неовластено употребиле физичка сила врз него и му нанеле телесна повреда.
Одделот за внатрешна контрола против двајцата ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, се вели во известувањето.

