Картел од осигурителни компании договорно ги зголемил цените за задолжителното автоосигурување

Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека казнила десет осигурителни компании со вкупно 17.266.930 денари поради утврдено картелско договарање за поскапување на полисите за задолжителна автомобилска одговорност, кои секој сопственик на моторно возило мора да ги плати при регистрација.

Според донесеното решение, компаниите ЕВРОИНС Осигурување АД Скопје, Триглав Осигурување АД Скопје, АД Македонија Скопје – Vienna Insurance Group, Сава Осигурување АД Скопје, Еуролинк АД Скопје, Граве АД Скопје, Уника АД Скопје, АД Осигурителна Полиса Скопје, Халк Осигурување АД Скопје и Кроација Осигурување АД Скопје координирале активности на пазарот на автоодговорност.

Истражната постапка утврдила дека во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година, овие компании разменувале чувствителни деловни информации и во исклучително краток рок донеле идентични или усогласени одлуки за зголемување на т.н. режиски додаток, кој претставува дел од премијата што се наплаќа за вршење на дејноста.

Комисијата појаснува дека ваквото однесување претставува „ограничување на конкуренцијата по своја цел“, што е една од најтешките форми на повреда согласно Законот за заштита на конкуренцијата. Според институцијата, паралелното донесување ценовни одлуки ја заменува независната пазарна политика со координиран настап, што е строго забрането.

Врз основа на утврдените факти, на компаниите им се изречени прекршочни глоби во вкупен износ од над 17 милиони денари.

Зачлени се на нашиот е-билтен