Поранешниот директор на ЦИА и командант на американските сили во Ирак и Авганистан, генерал Дејвид Петреус, смета дека Западот располага со два клучни инструмента со кои може да го принуди Владимир Путин да го прекине војувањето во Украина. Во интервју за италијанскиот Corriere della Sera, Петреус објаснува дека комбинацијата од финансиски и економски мерки би можела драматично да ја промени динамиката на конфликтот.
Според него, првиот чекор е користење на замрзнатите руски средствапроценети на 200 до 250 милијарди долари како колатерал за издавање обврзници, со што би се обезбедило стабилно финансирање за Украина. Средствата би се намениле за набавка на напредни системи за противвоздушна одбрана, муниција и зголемување на производството на украински дронови од сегашните 3,5 на 7 милиони годишно. Тоа, како што вели Петреус, би ѝ овозможило на Украина да ги надмине финансиските и економските тешкотии во следните две до три години.
Вториот потег, смета генералoт, е директен удар врз руската воена економија. Тој посочува дека руските финансиски резерви се значително истрошени, а националниот фонд за социјална заштита би можел да се испразни веќе следната година, бидејќи средствата се насочуваат кон воената индустрија. Петреус повикува на поостри санкции кон држави и компании кои ѝ помагаат на Русија преку купување нафта и гас или преку снабдување со критични компоненти како чипови, мотори и магнети, од кои поголемиот дел пристигнуваат од Кина.
Според него, комбинацијата од финансиски акумулации за Украина и економски притисок врз Москва би создала ситуација во која Путин „едноставно не би можел да ја продолжи агресијата“. Во меѓувреме, вели Петреус, Украина продолжува да напаѓа важни енергетски цели во Русија, при што досега погодила 30 до 50 отсто од руските рафинерии, според различни процени, и воведува во употреба ракети „Flamingo“ со дострел поголем од американскиот Tomahawk.
Генералот се осврнува и на прашањето за безбедносни гаранции за Украина. Тој смета дека најдоброто средство за одвраќање не е испраќање странски трупи, туку обезбедување големи количини оружје, муниција и технички капацитети особено системи за противвоздушна и противбалистичка одбрана.
Во врска со руските тврдења за скорешно целосно освојување на Донецк, Петреус е категоричен: „Не, не се ни приближени до утврдените линии.“ Тој нагласува дека за минимални територијални придобивки Русија претрпела огромни човечки загуби кои, како поранешен командант во два вооружени конфликти, тешко може дури и да ги замисли.
Петреус заклучува дека мировни преговори во скоро време се малку веројатни поради „максималистичките барања“ на Русија, кои вклучуваат смена на украинското раководство и значајна демилитаризација на Украина, услови што Западот и Киев не ги прифаќаат.

