Картел на десет осигурителни компании ги дерел возачите

Картел на десет осигурителни компании ја претвори задолжителната полиса за автомобилска одговорност во таен договор на грбот на секој возач во државата. Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека десетте најголеми друштва за неживотно осигурување паралелно ги усогласувале цените и во ист период ја кренале премијата за авто-полисите, а за тоа добија казни во вкупен износ од 17.266.930 денари.

Во решението се наведува дека во картелот учествувале „Евроинс осигурување“, „Триглав осигурување“, „Македонија Скопје – Vienna Insurance Group“, „Сава осигурување“, „Еуролинк“, „Граце“, „Уника“, „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Кроација осигурување“. Картелното однесување се однесува конкретно на осигурувањето од автомобилска одговорност – полиса што секое регистрирано возило мора да ја има. Според Комисијата, од 1 март до 7 мај 2024 година компаниите разменувале чувствителни деловни информации, координирале активности и за кратко време донеле идентични или усогласени одлуки за зголемување на делот од премијата што оди за „режиски додаток“, односно за трошоци на дејност. Таквото однесување е оценето како ограничување „по своја цел“, најтешка форма на повреда според член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.

Зад техничкиот јазик стои многу поедноставна реалност: цената на полисата за задолжително авто осигурување, која 15 години не се менувала, од 25 април 2024 година скокна за 15,44 проценти за возила со моќност над 44 киловати. За дел од возачите тоа значеше поскапување од неколку стотици до 1.600 денари по регистрација – сума што сама по себе не изгледа драматично, но кога ќе се помножи со повеќе од 700.000 возила во возниот парк, зборуваме за милиони евра дополнителен трошок што завршува кај осигурителните компании.

Уште тогаш беше јасно дека нешто не е во ред. Сите осигурители практично преку ноќ ги усогласија новите, повисоки цени, а образложението беше дека 15 години трпеле раст на трошоците за автомобили, резервни делови, реосигурување и плати, додека полисите останувале замрзнати. Групацијата на осигурителни компании во заеднички настап тврдеше дека поскапувањето е нужно, иако регулаторот и дел од експертите предупредуваа дека токму ваквото синхронизирано движење на цените е класичен сигнал за можен картел.

Денешната одлука за постоење картел, практично, ја потврдува сомнежата која тогаш формално никој не сакаше да ја каже до крај: дека не стануваше збор само за „пазарна логика“, туку за координирана стратегија на најголемите играчи на пазарот да заработат повеќе на производ што е задолжителен и без алтернатива за граѓаните. Прашањето што сега логично се отвора е – што ќе се случи со парите што возачите веќе ги платија во периодот на поскапувањето? Дали државата ќе најде механизам тие средства да им бидат вратени, или казните ќе завршат во буџет, а граѓаните ќе останат само со сознание дека уште еднаш биле изиграни?

Изречените глоби од 17,2 милиони денари звучат впечатливо на хартија, но за сектор во кој годишно се вртат десетици милиони евра тие во најдобар случај се предупредување, а не вистински удар. Одделните компании имаат право да ја оспорат одлуката пред суд, па битката ќе продолжи и во судниците. Во меѓувреме, сигналот до пазарот е јасен: координирано договарање цени, размена на чувствителни информации и колективно „подигнување“ на тарифите за производ што е задолжителен – повеќе не се нешто што може да мине незабележано.

За возачите, приказната за картелот на авто-полисите е уште еден потсетник дека најчесто немаат избор кога се работи за трошоците поврзани со автомобилот: задолжително осигурување, акцизи, технички прегледи. Доколку институциите не ја искористат оваа одлука како основа за подлабока реформа – јасни правила, транспарентни тарифници и вистинска конкуренција меѓу осигурителите – опасноста картелната логика да се пресели и во други сегменти на пазарот останува многу реална.

Зачлени се на нашиот е-билтен