Нема компромис со зборот – никогаш, затоа што не сум роден “мртов”!

Нема компромис за слободната мисла и зборот, па нека реагира и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Има еден добар виц што на времето мојата уредничка Јадранка Костова често го кажуваше во убави прилики. Маж и жена од посткомунистичка земја од источна Европа, после падот на железната завеса и долгата автократија или владеењето со нивните земји од страна на тогашниот Советски Сојуз, решаваат да одат на пат до Кина, бидејќи сега, нели, границите се отворени и можат да патуваат. И така, неколку дена шетаат во Пекинг, го посетуваат Забранетиот град, па Кинескиот ѕид, јадат кинески специјалитети и една вечер мажот ѝ вели на жената: „Слушај, пред да заминеме јас сакам да видам како изгледаат кинески гробишта, да нè однесе овој водич утре, што викаш?“ Сопругата се согласува и така наредниот ден одат на гробишта. Шетаат и одеднаш мажот го прашува водичот: „Можеш ли да ми преведеш некој епитаф од спомениците?“ На што водичот започнал да чита: „Јанг Це Тао – живеел 7 дена“, „Ци Вај Жу – живеел 3 дена“, „Тијаки Зе Рас – живеела 25 дена“. Мажот го прекинал водичот со прашањето дали овие се гробишта за деца, на што овој му одговорил: „Не, не, кај нас во Кина човекот кој умира го прашуваат на колку денови од животот се сеќава во тие последни мигови, и всушност – само за толку сметаме дека бил жив.“ Во тој момент мажот се врти кон сопругата и ѝ вели: „Слушај, сега, јас кога ќе умрам, слободно напиши: се родил мртов.“

И смешен, но малку повеќе тажен, вицов е сеќавање на едни времиња на кои, иако сè уште има живи сведоци, одредена категорија влијателни групи сакаат да ги прикажат како праведни и чесни, иако ниту правдата ниту чесноста не биле дел од истите. Историјата на човештвото познава многу системи на владеење, најчесто автократски, на кои им пречи пишаниот збор од човек кој има што да каже – понекогаш и од најбанални причини. Досадно е да се пишува за цензура, и веројатно уште подосадно е да се чита на оваа тема, но околностите едноставно бараат од мене да кажам неколку збора повторно на темава, меѓу другото и поради тоа што не сум се родил мртов.

Минатата недела, на мојата колумна „Рамбо Амадеус и Диме во одбрана на демократијата на Западен Балкан, ЕУ во одбрана со законска регулатива“, реагираше Амбасадата на Руската Федерација во Македонија. Реакцијата беше за делови од текстот што се преземени од јавно објавен извештај за настаните во Романија и изборите кај нив во 2024 година, а зад кој стојат респектабилни институции. И покрај тоа што јасно укажувам на извори во мојот текст, нивната реакција беше директно насловена со моето име и презиме, иако е јасно дека оние што ја прочитале колумната немаат проблем со писменост. Без разлика што јас цитирам извештај, тие решиле јавно да ме „заокружат“ и да го објават моето име. Покрај мене, беа посочени порталот „Рацин“, кој ги објавува моите ставови, и „Слободен печат“, кој повремено ги презема.

Објавата личи на демант, со невешто избрани зборови и чудна синтакса. Но делумно си ја постигна целта – да создаде обид за притисок, за да се произведе репресивен ефект и момент на самоцензура. Токму затоа пишувам „делумно“, инаку немаше да ја читате оваа колумна. По објавата следуваа закани, и директни и индиректни коментари кон мене од очигледно нова екипа почетници интернет-ванаби-силеџии. Се работи за тажна група јадни наркомани, деца на бивши воени лица на кои хероинот им го зел и последното здраво ткиво во мозочната кора. Но тие се безначајни. Да ја скратам приказната: дел од заканувачите се извинија, дел ќе се извинат, а за оние првите веќе напишав – тие се безначајни.

Јас, компромис со мојот пишан „збор“ нема да правам.

Овој настан ме потсети на моментот кога решавав дека не е време да се објават некои работи што сум ги напишал или зошто нешто останало необјавено. Неодамна пријател, тврд десничар во политичкиот спектар, со кој се познаваме многу години, ме праша: „Зошто не пишуваш за настаните од 2001 година ?“

Му одговорив дека морам да почнам од 1998 и да завршам со 2001, но тогаш не му кажав сè. Првата причина е што тие записи и раскази се напишани околу 2005 и ги чувам на флопи-диск. За помладите – тоа е онаа икона за save во Word, третиот симбол во горниот лев агол на мониторот. Втората причина е што не ги објавив затоа што сфатив: никој без вистинско борбено искуство – без да биде пукано во него или самиот да пукал во друг човек – нема да ги разбере. Не зборувам за интелектуален капацитет или за сложеност на текстот, туку за контекстот во кој се напишани и суштината на пораката.

Човек кој не знае што е дрнч, рап, кој нема лузна од чаура, кој не го знае мирисот на вжештена цевка, кој не знае да расклопи и склопи автоматска или пушкомитралез, кој не видел со свои очи како горат семејни куќи, кој не носел деца во минусни температури низ планини, кој не видел мртви крави на минско поле до кампот каде што ноќева, кој не бил вегетаријанец во услови каде што има само месен нарезок и сув леб, и на крај – кој не знае како е да пукаат во тебе и да пукаш во други… тој човек не може да го разбере тоа. Може само романтично – како добра книга или добар филм, или можеби лош.

Затоа тие сеќавања, во форма на записи, немаат потреба да бидат објавени, баремне денеска и во спомен на Благојче Крстановски, Димитар Двојаковски, Влатче Петревски.

И ова е моја лична одлука бидејќи не сум роден мртов. Така што, освен јас самиот, не постои никој друг кој може да ме спречи да пишувам.

Зачлени се на нашиот е-билтен