Безбеден град/Сејф Сити: 110.000 прекршоци – помалку несреќи или повеќе казни?

Само 24 часа му беа доволни на системот „Безбеден град/Сејф Сити“ да покаже колку е хаотичен сообраќајот во Скопје. Првиот ден од тест периодот регистрира создавање „црна статистика“ – околу 110.000 сообраќајни прекршоци, од кои убедливо најголем дел за брзо возење. Вториот ден бројката се преполови на нешто над 50.000, но и тоа е повеќе од доволно да покаже дека улиците на главниот град се далеку од безбедни, а граѓаните далеку од дисциплинирани возачи.

Министерството за внатрешни работи го стартуваше пробниот период на „Безбеден град/Сејф Сити“ на 1 декември во Скопје, Тетово, Куманово и на делници од коридорите 8 и 10. Идејата е едноставна: мрежа од фиксни и мобилни камери автоматски да ги снима прекршоците, а системот да генерира опомени во декември и казни од почетокот на 2026 година. Во пракса, првите денови донесоа лавина реакции – од поддршка до бес, од барање за строга контрола до прашања дали овој проект е навистина за безбедност или за полнење на буџетот.

Бројките сами зборуваат. На 2 декември, според официјалните податоци, биле регистрирани вкупно 50.652 прекршоци: од нив 48.861 за возење со брзина поголема од дозволената, 1.366 за минување на црвено светло, а 425 за нерегистрирани возила. Тоа значи дека дури 96 отсто од забележаните прекршоци се однесуваат само на брзината. За споредба, ден претходно, во првите 24 часа од пробното снимање, прекршоците биле околу 110.000.

Камерите за брзина и минување на црвено веќе ги издвоиле и првите „жешки точки“ во градот. Најмногу прекршоци се регистрирани на излезот од Скопје кон Тетово, вкупно околу 4.300 случаи за само еден ден, како и на булеварот „Никола Карев“, попознат како Пластичарска улица, со околу 3.000 прекршоци. Кај минувањето на црвено светло, најризична е раскрсницата меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“, каде што камерите забележале 45 прекршоци за едно деноноќие. Во тест периодот најмалата брзина за која е изречена казна е 51 километар на час, а највисоката измерена брзина достигнала дури 209 километри на час – екстрем кој не остава простор за сомнеж колку ризично се вози на дел од скопските улици.

Истовремено со бројките, стигнаа и дилемите. Како што потсетува анализата на „Рацин“ која ја обајвивме денес заедно со цените на прекршоците, уште на првиот ден на тестирањето реакциите од јавноста беа толку многубројни што министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави можност почетокот на официјалната примена да се помести од 1 јануари на 1 февруари 2026 година. Тој најави ревизија на сите локации каде што ќе има камери, проверка на секој сообраќаен знак и дополнително усогласување на законските измени што треба да поминат во Собранието. И самата најава покажува дека системот формално е подготвен технички, но институциите допрва ги догонуваат процедуралните и законските предуслови.

Прашањата не се само технички. „Безбеден град/Сејф Сити“ отвори и дебата дали станува збор за решение за превенција или за инструмент за прибирање пари во Буџетот. Тошковски официјално тврди дека целта на проектот е да се намали бројот на сообраќајни несреќи и жртви. Според него, Македонија со 142 загинати на улиците во една година и околу 78 жртви на милион жители е меѓу најлошите земји во Европа и светот и далеку над европскиот просек од 44–45 жртви на милион, а особено над скандинавските стандарди од околу 20 жртви на милион жители. Затоа, вели, ниту еден систем кој носи повеќе контрола на патиштата не смее да се отфрли однапред.

Сликата која ја добиваме од првите 110.000, па 50.000 прекршоци е непријатна, но искрена. „Безбеден град/Сејф Сити“ го става под рефлектори она што сите го знаевме, но ретко го признававме: дека на улиците масовно се вози пребрзо, се минува на црвено, се паркира хаотично и се ризикува туѓ живот за неколку минути побрз пат. Прашањето е дали системот ќе биде искористен за вистинска културна промена во сообраќајот или ќе остане запаметен како уште една скапа технологија претворена во фабрика за казни.

Зачлени се на нашиот е-билтен