Американски конгресмени: Трамп мора да го стабилизира Балканот

Bjoertvedt, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Западниот Балкан повторно се најде на маса во Вашингтон. Американски конгресмени на расправа во Одборот за надворешна политика на Претставничкиот дом ја повикаа администрацијата на Доналд Трамп на посилно и поконзистентно ангажирање во регионот, со јасна оцена: најголемата дестабилизација доаѓа од Русија, преку Србија. Македонија беше посочена како клучен НАТО-сојузник, чија стабилност е „од витално значење“ за јужното крило на Алијансата.

Претседавачот на пододборот за Европа, републиканецот Кит Селф, го нарече Западен Балкан „најнестабилниот регион во Европа“ покрај војната во Украина. Нерешените односи меѓу Србија и Косово ги опиша како главен двигател на нестабилноста, кој ѝ дозволува на Русија да ја поткопува ЕУ и способноста на НАТО да ги зајакне балканските држави. Во случај на нов конфликт, предупреди тој, НАТО-сојузниците Албанија, Северна Македонија и Црна Гора би биле директно на нишан, со можен ризик од активирање на член 5 од Алијансата, додека Косово би останало особено изложено бидејќи не е дел од НАТО.

Конгресмените зборуваа и за хибридната војна што ја водат противниците на Западот. Русија, оценуваат, ги подгрева тензиите во Босна и Херцеговина, Република Српска и Србија, додека зависноста на Белград од руските енергенси останува алатка за политичко влијание. Кина, пак, го проширува отпечатокот преку воени вежби, испорака оружје за Србија и економски договори низ регионот, со цел да го одржи својот „малиген апарат“ и да ја искористи корупцијата и слабите институции на Балканот.

Демократот Вилијам Китинг ја искористи расправата за да побара поостар фокус врз владеењето на правото и корупцијата во Србија. Тој побара државниот секретар Марк Рубио јасно да му стави до знаење на Белград дека продлабочувањето на врските со Москва и Пекинг не е компатибилно со стратегиската цел – членство во трансатлантската заедница. Поголемото ангажирање на САД, смета Китинг, може да го приближи регионот кон ЕУ и да им даде сигнал на сојузниците дека Вашингтон останува посветен на балканската стабилност.

Слика на „Балкан кој не е во добра состојба“ поцрта и Макс Приморац од конзервативната фондација „Херитиџ“. Тој потсети дека БиХ и три децении по Дејтон останува во трајна криза, и побара Стејт департментот да престане да турка централизирана држава која, според него, ја нарушува еднаквоста на трите народи и ги турка Србите кон сецесија. За Србија рече дека „останува врзана за проруската агенда“ која создава нестабилност во Косово и Црна Гора, оставајќи простор Москва, Пекинг и Техеран да го поткопуваат јужното крило на НАТО

Приморац предложи Белата куќа да назначи политички амбасадори на Балканот со јасен бизнис-мандат, но и со подготвеност да користат визи, банкарски и други санкции, заедно со комерцијални и инвестициски поттикнувања – комбинација што би го извлекла регионот од влијанието на Русија, Кина и Иран. Лук Кофи од институтот „Хадсон“ отиде чекор понатаму, оценувајќи дека иако САД не се балканска земја, „можат да бидат балканска сила“ и дека Трамп треба да преземе чекори да ги заштити американските интереси во регионот.

Едвард Џозеф од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ ја фокусираше дебатата на Србија како клучен дел од равенката. Според него, предуслов за стабилен Балкан е Белград да го прифати западниот поредок за регионот. Патот кон трајна стабилност, вели тој, води преку Србија – не со молење, туку со цврста рака и вистинско партнерство. Џозеф предложи и порадикално решение: надминување на застојот со Косово преку пат кон НАТО-членство и за Приштина, и за Белград, наместо бескраен дијалог под покровителство на ЕУ без јасен исход.

Паралелно со расправата во Конгресот, во Брисел се одвиваше дипломатска сценографија во која Македонија повторно беше дел од разговорот за стабилноста. Министрот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се сретна со заменик-државниот секретар на САД Кристофер Ландау, со фокус на улогата на САД во безбедноста и развојот на Западен Балкан. Двајцата, според соопштението од МНР, ги потврдиле блиските односи меѓу двете држави и потенцијалот за продлабочување на соработката во рамките на НАТО – уште една потврда дека Македoнија се гледа како дел од решението, а не од проблемот.

Собрани во неколку часа расправа, пораките од Вашингтон звучат едноставно, но тешко за имплементација: САД да ја засилат својата улога на Балканот, Србија да се откаже од двојната игра со Москва и Пекинг, а НАТО-сојузниците во регионот – меѓу нив и Македонија – да станат поцврсти столбови на одвраќањето. Дали администрацијата на Трамп навистина ќе преземе чекори за да го „стабилизира Балканот“, или ова ќе остане уште една низа предупредувања во Конгресот, ќе зависи од тоа колку сериозно Вашингтон ќе ги сфати сигналите дека без стабилен Балкан, јужното крило на Алијансата останува незаштитена пукнатина во европската безбедносна архитектура.

Зачлени се на нашиот е-билтен