Што ги поврзува Србија и Грузија? Протести, заробени институции и оружје што не смее да се користи врз граѓани

Србија и Грузија, две држави оддалечени повеќе од 2.000 километри, деновиве се пронајдоа во неочекувано ист контекст. Покрај протестите против власта, притисоците врз независните медиуми и застојот во евроинтеграциите, двете земји ги поврзува уште нешто многу посериозно, како употребата на недозволени средства против демонстрантите.

Во Србија, меѓународни експерти и известувачи на Обединетите нации утврдија дека против граѓани минатата година било користено звучно оружје. Иако тие наоди се меѓународно признаени, српските власти и руската безбедносна служба ги негираат.

Околу Нови Сад пак, се појавија сериозни сомнежи дека полицијата употребила CN-гас, супстанца која како солзавец се користела во дваесеттите години од минатиот век и која предизвикува печење, привремено слепило и тешкотии со дишењето. И тоа беше негирано.

Во Грузија, доказите се уште поцврсти. Истражување на BBC откри дека властите употребиле хемиско средство познато како камит (бромобензил цијанид), исто соединение од Првата светска војна, кое, според индикаторите, било распрскувано преку водени топови. Лекарските извештаи го потврдуваат тоа.

Доктор Константин Чакунашвили, кој ги прегледал демонстрантите, вели дека резултатите се загрижувачки:

„Електрокардиографските промени беа значително почести кај оние кои биле на протестите отколку кај контролната група. Забележавме и многу повеќе оштетувања на слузокожата“, вели тој.

Некои граѓани во Грузија добиле и дијагнози како пневмонитис, воспаление и оток на белите дробови, сериозна компликација што властите ја игнорираа. Како и во Србија.

Но, во Грузија се појави и свиркач: поранешниот шеф во специјалната единица, Лаша Шергелашвили, сведочеше пред BBC дека ова токму е хемикалијата чиј тестирање му било наложено уште во 2009 година.

Владата најпрво сè негираше, а потоа го смени тонот. Поранешниот министер за внатрешни работи Вахтанг Гомелаури призна дека средството постоело во магацините  но тврди дека не било употребено.

И покрај заканите дека ќе го тужат BBC, властите сепак отворија истрага. Но, со оглед на блискоста на актуелната грузиска влада со Москва, малкумина веруваат дека истрагата ќе биде искрена.

Доктор Чакунашвили, кој веќе добива предупредувања, вели:

„Не се плашам, но од овие луѓе очекувам сè.“

Случајот привлече внимание и на специјалната известувачка на ООН за тортура, Алиса Едвардс, која оцени дека станува збор за „загрижувачки практики“ и можност за тестирање на експериментално оружје врз населението.

И во Србија и во Грузија, протестите продолжуваат иако со различен интензитет. Во Грузија власта на милијардерот Бидзина Иванишвили, отворено проруски ориентиран, дури ги суспендираше преговорите со ЕУ. Европската комесарка Марта Кос неодамна рече дека Србија „не е лидер“, но „ни Грузија не е далеку“. Всушност, тие се многу се слични.

На крајот, доктор Чакунашвили ја сумираше врската меѓу двете земји со горчлива елеганција:

„Среќно и на Србија и на Грузија.“

Зачлени се на нашиот е-билтен