Иако нема значаен напредок околу мировниот план за Украина, и Москва и Вашингтон тврдат дека разговорите што се одржаа во руската престолнина донеле одредено придвижување, пред сè во делот на безбедносните гаранции за Украина. Според американскиот државен секретар Марк Рубио, суштината на спорот моментално се сведува на територија од 30 до 50 километри во преостанатите 20 проценти од Донецката област што сè уште не се под украинска контрола.
Како што наведува Рубио, дискусиите биле фокусирани на тоа што Украина може да прифати, а истовремено да добие гаранции дека повеќе никогаш нема да биде нападната, дека ќе може да ја обнови својата економија и да напредува како држава.
Кремљ, пак, повторува дека не сака да води преговори преку медиумите. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека во процесот на преговори „некои работи се прифатени, други одбиени“, оценувајќи го тоа како нормален тек во барањето компромис. Но токму компромисот е делот што најмногу недостига, на сите страни.
Русија се надева дека ќе го добие преку резултатите на бојното поле. Советникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека неодамнешните успеси на руската армија позитивно влијаеле на преговарачкиот процес, тврдејќи дека московските партнери станале „пореалистични“ во оценките за патот кон мир.
Американската страна порача дека не може бесконечно да ја финансира Украина, додека НАТО испраќа поинаков сигнал. Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, изјави дека е неопходно Украина да биде во најсилна можна позиција и на фронтот и на преговарачка маса кога ќе дојде моментот за вистински мировни разговори.
Во меѓувреме, Европската унија планира да ѝ додели заем на Украина од замрзнатите руски средства. На оваа идеја се спротивставува Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од тие средства. Белгиските власти стравуваат дека можни идни судски пресуди или укинување на санкциите би можеле да предизвикаат големи тужби и финансиски товар што би паднал токму врз нивните институции.

