Две третини Европејци веруваат дека нивната армија не може против Русија

Европа повторно се гледа во огледалото на стравот. Ново истражување спроведено во девет земји од Европската Унија покажува дека дури 69 отсто од граѓаните сметаат оти нивната држава не би можела сама да се одбрани во случај на руска агресија. Анкетата доаѓа само неколку дена откако Владимир Путин порача дека Русија е „подготвена веднаш“ ако Европа „сака војна и ја започне“.

Анкетата, што ја спровел институтот Cluster17 за списанието Le Grand Continent, опфатила 9.500 испитаници во Франција, Хрватска, Германија, Полска, Холандија, Шпанија, Португалија, Италија и Белгија. Речиси седум од десет анкетирани изјавиле дека имаат „мало“ или „воопшто немаат“ доверба во способноста на својата војска да ја одбрани државата во евентуална војна со Русија.

Франција е единствената земја каде што постои релативно поголема самоувереност: 44 отсто од испитаниците веруваат дека нивната армија би можела да се спротивстави на Москва, но и таму мнозинството – 51 отсто – останува песимистично. Најголема недоверба има во Белгија, Италија и Португалија, каде над 85 отсто од граѓаните сметаат дека нивниот одбранбен систем не е подготвен за директен судир со Русија.

Авторите на студијата забележуваат јасен географски образец: земјите што се подалеку од руските граници се чувствуваат најслабо подготвени – и воедно сметаат дека се најмалку веројатни кандидати за директен конфликт. „Геополитичката дистанца се претвора во слаба вера во националната подготвеност“, заклучуваат истражувачите. Наспроти тоа, Полска, која се граничи со Русија и Белорусија, има највисоко чувство дека опасноста од војна е реална: 77 отсто од Полјаците веруваат дека ризикот од отворен судир со Русија во следните години е висок, но и таму мнозинството не верува дека нивната земја може сама да се одбрани.

Истото истражување покажува поширока карта на европските стравови. Повеќе од половина Европејци сметаат дека ризикот од војна со Русија е висок, а 18 отсто го оценуваат како „многу висок“. Чувството на изложеност не се однесува само на тенкови и ракети – граѓаните најчесто ги споменуваат и дигиталната и технолошката безбедност, енергијата и храната. Само 12 отсто од анкетираните велат дека не се чувствуваат особено загрозени од ниту еден од овие типови закани.

Сето тоа се случува во момент кога Европската унија турка напред амбициозен план за реармament и зајакнување на одбранбената индустрија до крајот на деценијата, со стотици милијарди евра насочени во оружје, муниција и нови капацитети. Но, анкетата сугерира дека голем дел од јавноста не ја чувствува таа трансформација – пакетите, фондовите и плановите од Брисел сè уште не се претворени во чувство на сигурност во националните армии.

Интересно, истото истражување открива и контрапункт: иако се исплашени и без многу доверба во сопствените армии, Европјаните масовно сакаат да останат во Европската унија. Дури 74 отсто од анкетираните велат дека сакаат нивната земја да остане во ЕУ, а мнозинството смета дека Брегзит ѝ наштетил на Британија. Во Брисел ова се чита како сигнал дека во време на несигурност, граѓаните сакаат „поголем чадор“, дури и кога не се убедени дека чадорот е доволно цврст.

За земји како Македонија, која е надвор од ЕУ, но членка на НАТО, ваквите резултати се важен барометар. Тие покажуваат дека стравот од Русија повеќе не е тема само за аналитичари и генерали, туку реален дел од секојдневната политика и јавен разговор во ЕУ. Европа влегува во, како што го дефинираат истражувачите, „век на опасност“ – со чувство на национална слабост и барање за повеќе заштита на европско ниво. Прашањето не е само колку тенкови, ракети или системи против воздушна одбрана ќе има до 2030 година, туку дали граѓаните ќе поверуваат дека зад знамето на ЕУ навистина стои сила способна да ги одбрани.

Зачлени се на нашиот е-билтен