Според транскриптот од разговорот меѓу европските лидери за стратегиите за заштита на Киев, објавен од германскиот весник „Шпигел“, претседателот на Франција, Емануел Макрон, предупредил дека САД би можеле да ја предадат Украина.
Според „Шпигел“, во понеделник беше одржан телефонски разговор во кој учествуваа Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, украинскиот претседател Володимир Зеленски и други соговорници. Тема на дискусијата беа мировните преговори што, според извештаите, САД ги водат со Киев и Москва.
„Постои можност САД да ја предадат Украина по прашањето за териториите без јасност во безбедносните гаранции“, рекол Макрон, според германскиот весник, и додал дека постои „голема опасност“ за Зеленски, објавува бриселскиот портал „Политико“.
Елисејската палата не одговори на барањето на бриселскиот портал за коментар.
„Шпигел“, објави дека Елисејската палата во соопштение испратено до овој германски весник негираше дека Макрон зборувал за какво било предавство.
„Претседателот не ги употребил тие зборови“, изјави канцеларијата на претседателот на Франција, објавува весникот.

Мерц рече дека Зеленски мора да биде „исклучително внимателен во наредните денови“.
„Тие си играат и со вас и со нас“, рече Мерц, очигледно мислејќи на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, кои во вторникот поминаа пет часа во разговори зад затворени врати со рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Мерц, Стефан Корнелиус, за „Политико“ изјави дека тој не потврдува ниту коментира делови од разговорот од принципиелна важност.
Финскиот претседател Стаб, според транскриптот, се согласил со Мерц.
„Не можеме да ги оставиме Украина и Володимир сами со тие луѓе“, рекол тој, очигледно мислејќи на Виткоф и Кушнер, со што Руте се согласил.
Руте рекол дека се согласува со Стуба дека тие мора да го заштитат Зеленски.
И НАТО, одби да коментира за транскриптот.
Русија не се откажува од своите максималистички барања
Овие разговори се воделе откако администрацијата на Трамп откри мировен план од 28 точки, за кој се смета дека го составиле рускиот претставник Кирил Дмитриев, Виткоф и Кушнер, а кој Украина и европските сојузници го критикуваа како премногу поволен за Русија, што предизвика разговори во Женева.
Овие последователни преговори, во кои учествуваа европски, украински и американски претставници, резултираа со ажуриран план од 19 точки, кој Русија сè уште не го прифатила.
Москва не се откажа од своите максималистички барања, односно Киев да предаде големи делови од неокупираната територија на исток, да ја ограничи големината на својата армија и да одржи нови избори, според „Политико“.

