Медведев за контроверзниот европски план: Ова може да биде повод за војна

Шефот на Рускиот совет за безбедност и поранешен претседател Дмитриј Медведев предупреди дека користењето на замрзнатиот руски имот во Европската унија за поддршка на Украина би можело да претставува повод за војна.

Европската комисија моментално разгледува начини како средствата замрзнати во европските финансиски институции да се искористат за понатамошна финансиска помош за Киев.

„Ако френетичната Европска унија се обиде да го украде рускиот имот замрзна во Белгија за да обезбеди репарациски кредит, таквите потези според меѓународното право би можеле да се класифицираат како посебен вид casus belli, со сите последици што би произлегле од тоа за Брисел и земјите-членки на ЕУ,“ напиша Медведев.

Две опции на Европската комисија

Русија и претходно предупреди дека ќе одговори доколку ЕУ тргне по овој пат. Комисијата тврди дека не станува збор за кражба, бидејќи средствата би биле во форма на заем што Украина би го вратила само ако Русија плати воена оштета.

Во средата Комисијата предложи „Репарациски заем“ за Украина, кој би ја вклучувал готовината од сметките на европските финансиски институции што го држат замрзнатиот имот на Руската централна банка. Алтернативата е задолжување на меѓународните пазари – опција што не би го користела рускиот капитал.

Според предлогот, би се ослободиле 90 милијарди евра за финансирање на украинските потреби, што претставува околу две третини од проценетиот финансиски јаз на Украина за периодот 2026–2029 според ММФ.

Белгија – најчувствителна точка

Белгија е особено чувствителна на ова прашање бидејќи токму таму се наоѓа Euroclear, институција што го држи најголемиот дел од рускиот државен имот замрзнат во Европа по почетокот на инвазијата во 2022 година. Белгиските власти предупредуваат на можни правни последици по завршувањето на војната и бараат заедничка одговорност од сите членки на ЕУ.

Еден висок функционер на ЕУ за CNBC, анонимно поради чувствителноста на темата, изјавил:
„Ако ЕУ реши да позајми пари за поддршка на Украина, потребна е едногласност. Ако реши да го користи замрзнатиот имот – доволна е квалификувано мнозинство.“

Унгарија отворено се противи на дополнително финансирање на Украина, што претставува клучна пречка за едногласност. Уште еден европски функционер објасни дека со двојниот пристап Комисијата сака да покаже дека алтернативната опција е „многу полоша за многу повеќе земји-членки“.

Зачлени се на нашиот е-билтен