Американската војска вчера изведе уште еден напад врз брод за кој тврди дека пренесувал дрога во крајбрежните води на Латинска Америка, при што загинале четири лица.
Нападот во источниот дел на Пацификот го наредил американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, соопшти Јужната команда на САД на социјалните мрежи, објавувајќи и видео од ударот.
„Разузнавачките податоци потврдија дека пловилото пренесувало наркотици и се движело по позната рута за криумчарење во источниот Пацифик. Четири мажи, наркоторористи кои биле на пловилото, се убиени,“ соопшти Јужната команда, која е одговорна за американските воени операции во Карибите и водите долж Средна и Јужна Америка.
On Dec. 4, at the direction of @SecWar Pete Hegseth, Joint Task Force Southern Spear conducted a lethal kinetic strike on a vessel in international waters operated by a Designated Terrorist Organization. Intelligence confirmed that the vessel was carrying illicit narcotics and… pic.twitter.com/pqksvxM3HP
— U.S. Southern Command (@Southcom) December 4, 2025
Операција Јужно копје
Од почетокот на септември, американската војска извршила најмалку 22 напади врз пловила во источниот Пацифик и Карибите за кои администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека криумчарат дрога. Во тие напади досега загинале најмалку 87 лица. Вчерашниот напад е прв јавно познат од 15 ноември.
Нападите се дел од пошироката кампања на Белата куќа насочена кон притисок врз режимот на венецуелскиот лидер Николас Мадуро. Хегсет пошироката акција против криумчарењето ја нарече „Операција Јужно копје“.
Трамп ги оправдува нападите врз бродови со дрога тврдејќи дека САД се наоѓаат во „оружен конфликт“ со наркокартелите и дека пловилата се контролирани од странски терористички организации.
Контроверзии околу вториот удар
Најновиот напад доаѓа додека Хегсет е под зголемено внимание поради неодамнешниот извештај на Washington Post за напад на 2 септември во Карибите, во кој загинале 11 лица. Според тој извештај, американската војска го погодила бродот со две ракети, што Белата куќа го потврди.
Извор запознаен со случајот изјави за CBS News дека вториот удар бил изведен додека две лица, кои го преживеале првиот, се обидувале повторно да се качат на бродот. Според истиот извор, преживеаните наводно се обидувале да спасат дел од наркотиците. Некои пратеници поставија прашање дали вториот удар претставува воен злостор.
Хегсет негираше дека наредил втор удар, тврдејќи дека одлуката ја донел адмирал Франк „Мич“ Бредли. Washington Post објави дека Хегсет наводно рекол „сите на бродот треба да бидат убиени“, но тој го негираше тоа, исто како и Бредли.
Вчера членовите на Конгресот одржаа затворена седница на која им беше прикажано видеото од вториот удар, а за инцидентот ги информираа Бредли и генерал Дeн Кајн, началник на Обединетиот штаб.
По гледањето на снимката, демократскиот пратеник Џим Хајмс од Конектикат – највисоко рангиран демократ во Комитетот за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом – ја опиша како „една од највознемирувачките работи што сум ги видел во јавната служба“.
Во исто време, републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас, претседател на Сенатскиот комитет за разузнавачки прашања, изјави дека „не видел ништо вознемирувачко“.

