Маж во Австрија ја оставил девојката на планина – се смрзнала, обвинет е за убиство од небрежност

Маж на 36 години се соочува со обвинение за убиство од крајна небрежност откако ја оставил својата 33-годишна партнерка да се смрзне на Гросглокнер, највисоката планина во Австрија. Трагедијата се случила во јануари, а според истрагата, искусниот алпинист ја напуштил девојката 6,5 часа за да побара помош – време во кое таа подлегнала на екстремниот студ.

Парот од Салцбург бил на само 50 метри под врвот висок 3798 метри кога жената изгубила сила и не можела да продолжи. Наместо да остане со неа, партнерот сам тргнал по помош. По долга истрага, обвинителството подигна обвинение – го товари дека ја водел на тешка високогорска тура иако таа била неискусна и без соодветна опрема.

Обвинителството наведува и други пропусти: тргнале два часа подоцна од планираното, немале доволно опрема за итни случаи, а мажот не ја засолнил девојката ниту ја завил во термо-декa пред да ја напушти. Анализите покажале дека тој ни на првиот прелет на полициски хеликоптер не дал сигнал за помош.

Спасувачките служби биле алармирани дури околу 3:30 часот по полноќ, но кога утрото конечно стигнале до неа, можеле само да ја констатираат смртта.

Адвокатот на обвинетиот изјави дека неговиот клиент длабоко жали, но тврди дека станува збор за „трагична несреќа“. Судењето ќе се одржи на 19 февруари 2026 година пред Регионалниот суд во Инсбрук.

Случајот повторно го отвора прашањето за одговорноста при високогорски тури и потсетува на серијата трагедии што годинава ја потресоа алпинистичката заедница.

Зачлени се на нашиот е-билтен