Казни за Менди Ќура и Општина Струга поради изоставено државно знаме

Казни за Менди Ќура и Општина Струга следуваат поради изоставено државно знаме на централниот настан по повод Денот на албанското знаме во Струга. Наместо заедно со знамињата на заедниците да биде истакнато и македонското знаме, бината и дел од кејот на Црн Дрим на 28 ноември останале без државното знаме, иако тоа е јасно пропишана законска обврска.

Настанот се одржал на улицата „Маршал Тито“ во центарот на Струга, со големо присуство на граѓани и локални политичари. Сценографијата, украсена само со знамиња на заедниците, веднаш го привлече вниманието на јавноста – дел од присутните реагирале уште на лице место, а фотографиите и снимките брзо се проширија и по медиумите и социјалните мрежи.

Откако реакциите стасаа и до институциите, ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице – Општина Струга, како и против одговорното лице М.Ќ. (65) од струшкото село Биџево, односно градоначалникот Менди Ќура. Во пријавата се наведува прекршување на член 6 од Законот за употреба на знамињата на заедниците, а казната се изрекува согласно член 11 од истиот закон.

Законот јасно утврдува дека, во ситуации кога се истакнуваат знамињата на заедниците, државното знаме мора да биде присутно и тоа во пропишан редослед и на видливо место. Практично, обврската не се однесува само на протоколарни државни свечености, туку и на локални настани кои имаат јавен и официјален карактер, каков што беше и празнувањето на Денот на албанското знаме во Струга.

Случајот отвори поширока дебата за односот кон државните симболи во мултиетничките средини. Дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека станува збор за „пропуст кој не смее да се повтори“, други предупредуваат дека се испраќа погрешна порака за заедничката држава во која сите заедници ги споделуваат истите институции и истиот Устав. Се слушаат и ставови дека токму во градови како Струга, каде различни идентитети живеат едни до други, државното знаме треба да биде првиот симбол што обединува, а не да остане на маргините на локалната политика.

Прекршочната постапка против Менди Ќура и Општина Струга, според правните процедури, треба да покаже дали институциите ќе останат доследни на буквата на законот или случајот ќе заврши само како уште една епизода во дневнополитичките препукувања околу симболите. За стружани, пак, ова е уште еден потсетник дека празниците и прославите не се само музика и говори, туку и тест за тоа како локалната власт ги разбира обврските кон државата и сите нејзини граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен