Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонско-бугарските односи во слепа улица: Амбасадори и експерти за излезните решенија

ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Цивил Медиа направи една своевидна анкета со поранешни амбасадори, премиери и министри и експерти за меѓународна политика и дипломатија за излезните решенија во која се најдоа македонско-бугарските односи по серијата настани во последните две недели.

Според Владо Бучковски, поранешен премиер, министер за одбрана и поранешерн специјален претставник на македонската Влада за „олеснување“ на дијалогот меѓу Скопје и Софија, „состојбите ескалираа и мора да се биде крајно внимателен во давањето проценки за периодот што следи, вклучително и не прославата на 151 роденден на Гоце Делчев“.

Проф. Д-р Александар Спасеновски од Правниот факултет на УКИМ вели дека „македонско-бугарскиte односи, за жал, повторно се втурнати во политички ќорсокак кој не кореспондира со европските и евро-атланските вредности и принципи кон кои тежнеат двете држави“.

Со оглед дека Бугарија влезе во нов предизборен период, Спасеновски препорачува Македонија да не потклекнува на провокациите.

„Прифаќањето на една таква игра ќе придонесе двете држави повторно да се втурнат еден стар недемократски вртлог на меѓусебно негативно стереотипизирање. Република Македонија и Бугарија, односно македонскиот и бугарскиот народ, како две блиски држави, односно како два блиски народа, кои имаат толку многу сврзни точки во минатото, заслужуваат да имаат заедничка европска иднина во ЕУ“, нагласува Спасеновски.

„Не е ова прв пат да се крене врева од двете страни на границата“, изјави за Цивил Медиа поранешниот амбасадор во Софија Ѓорги Спасов, и додава дека ситуацијата ја предизвика „немил инцидент кој е искористен и се користи за политички цели пред сѐ од Бугарија, со цел да се оправда нивната политика на вето за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ, која траеше долго и ги влошуваше односите меѓу двете земји, како и да се нагласи уште еднаш оправданоста на барањето за внесување на Бугарите во Уставот“.

Амбасадорот Љупчо Арсовски вели дека кога се анализира оваа најнова ситуација треба да се има предвид дека македонско-бугарските односи имаат дебело досие и дека политички наивно беше да се верува дека настапува нова ера во взаемните односи и дека Македонија ќе биде примена во  ЕУ без стапиците што беа скриени во асиметричниот договор за добрососедство и пријателство, во кој втората страна беше земја членка на ЕУ која може да стави вето во кој било момент.

За амбасадорот Ѓорги Филипов, „иако лавиринтот во кој се најдоа македонско-бугарските односи е многу сложен, сепак излез веројатно постои, но тешко е да се бара во вакви услови на нестабилна внатрешно-политичка состојба кај соседната земја и трагањето по клучот на воспоставување дво-третинско мнозинство во македонскиот парламент за овозможување на промена на уставот и внесување на бугарското малцинство во преамбулата“.

Ѓорги Спасов, нашиот поранешен амбасадор во Софија, нагласува дека Северна Македонија „нема друг избор освен сето тоа прописно да го издржи, како и до сега и да повикува на смиреност“, и да продолжи да докажува дека институционално и со примена на владеењето на правото ќе постапува секогаш кога ќе има насилство од етнички побуди.

„Но, Северна Македонија не смее да ги премолчува провокаците од страна на бугарски политичари и новинари, членови на нивната историска комисја, па и на членови на бугарските клубови во Македонија, кои поттикнуваат незадоволство па и омраза кај Македонците кон Бугарите“, истакнува Спасов.

Во таа насока е и ставот на амбасадорот Тихомир Илиевски, но додава дека е исклучително важно „македонската држава да изнајде начин и да отвори можности ЕУ да добие несоборливи аргументи дека сите условувања на Бугарија за побрз и заслужен влез на Македонија во оваа влијателна политичко-економска заедница, се неосновани и надвор од европскиот контекст и историските аргументи“.

Во потрага по креативни решенија за излез

Ги прашавме нашите соговорници дали дипломатијата познава покреативни решенија од оние како што се „забрана за влез“, односно прогласување на личности за „персона нон грата“ и  дали тие се единствените опции сега?

Амбасадорот Ѓорги Филипов вели дека постојат алтернативни решенија и дека забраните за влез или прогласувањето на личности за непожелни се само крајна строга мерка која можеби е и посакувана од оние коишто ја провоцираат заради оправдување на натамошните потези против македонскиот напредок во преговорите со ЕУ.

Слично размислува и Тихомир Илиевски и вели дека дипломатијата мора постојано да трага по покреативни решенија и дека „забраните за влез или мерката ‘персона нон грата’ ќе предизвикаат непотребен реципроцитет за непоткрепен реваншизам од другата страна, а, помалку вистинско решение. Одамна во демократскиот свет, вербалната навреда се негира со смирени, но јасни аргументи, не се рестриктивни мерки.

Од друга страна, Љупчо Аровски потсетува дека во историјата на дипломатијата памети и такви „санкции“ и мерки согласно меѓународното право и дипломатски конвенции, но сепак нагласува дека е „смешно е две земји на НАТО да се најдат во состојба кога поголемата си дозволуваа на помалата  да и се заканува  или изразува  несватлива ‘агресивност’ низ истапи на личности од политичкиот живот кои се неспоиви со дипломатијата, особено со носителите на фукнкции во Европскиот парламент“.

Да се изолираат оние што го злоупотребуваат состојбите и да им се даде гласност на прогресивните сили

На прашањето како да се надмине оваа ситуација, дипломатите и експертите за меѓународни односи препорачуваат „внимателно и мудро водење на дипломатската комуникација, со уште повнимателна проценка за непречено одвивање на севкупнта соработка на економски, финансиски и културен и научен план и да се изолираат задскриените сили коишто плански ги заоструваат состојбита којашто може да се употреби и злоуппотреби“, предупредува Љупчо Арсовски.

„Сега е важно да се проценат каде се и кои се позитивните сили во двете земји и со заеднички напор храбро да се направат час побргу иницијативи со планови за средби, заеднички настапи кои ќе покажат дека сепак во 21 век има сили кои мислат на иднината на двете држави и нивните млади поколенија. Тука мислам на невкадини организаци, личности од областа на  културата, науката уметноста и на други“, укажува амбасадорот Арсовски.

За амбасадорот Спасов сега е важно да се почека прашината да спадне и да се види, како ќе се одвиваат работите натаму.

„Ако Македонија успее да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во него, сметам дека сета тензија ќе намали. Но, ако се оддолжи тој процес, тогаш ќе се отвори простор за нови тензии и конфликти. До тогаш без закани и најави, македонскта полиција и држава треба да си вршат своите должности во заштита од националистички провокации и навреди беспрекорно и во согласност со владеењето на правото и меѓународните норми. Без таламбаси, најави и закани“, укажува Спасов.

Амбасадорот Илиевски е уверен дека „има излез од оваа, навидум, безизлезна ситуација. Само треба да се смират емоциите, да се промислува и политички да се делува трезвено, да им се даде предност на аргументите и на историските факти“.

„До решение може да се дојде низ преговори и само низ преговори. , друга алтернатива нема, освен конфликт, чии димензии уште потешко ке се контролираат. Ниедно вето, ниту долготрајна блокада, особено за заслужено изработено членсто на нашата земја во Европската Унија, не е ништо друго, освен чист дебакл и за соседите и за целиот регион на Југоисточна Европа“, потенцира амбасадорот Илиевски.

Професорот Александар Спасеновски препорачува и поинтензивна комуникација со нашите стратешки партнери како што САД и Германија.

„Наспроти целата неразумност на повеќе аспекти на политиката на Бугарија кон Република Македонија, поддршката на овие сојузнички држави на нашиот европски интегративен пат, претставува сериозна варијабла која е од голема полза за да се надминат несогласувањата со официјална Софија на начин со кој ќе се заштитат македонските државни интереси, а притоа нема да се доведе во опасност динамиката на европските интеграции на нашата држава“, вели Спасеновски.

Во подготовките на оваа анализа прв на листата за консултации и за став за овие прашања беше министерот за надворешни работи Бујар Османи до кого ги испративме истите прашања на кои веднаш одговорија сите останати соговорници на оваа тема.

Од министерот и од Министерството за надворешни работи останавме без одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново