Полскиот министер за надворешни работи му порача на Мaск да „одлета на Марс, таму нема цензура на нацистички поздрави“

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски му порача денес на американскиот милијардер Илон Маск—кој повика на „ликвидација на Европската унија“—да „одлета на Марс“, бидејќи „таму нема цензура на нацистички поздрави“.

Маск, откако неговата мрежа X доби казна од 120 милиони евра поради кршење на европските регулативи, најнапред повика на распуштање на ЕУ и враќање на „суверенитетот на државите членки“. Во следната порака праша „колку време ѝ останува на ЕУ пред да пропадне“.

На ова, Шикорски му одговори—исто на мрежата X—со кратка порака: „Одлетај на Марс. Таму нема цензура на нацистички поздрави.“
Алудираше на тоа што Маск ја крена раката на начин кој многумина го толкуваа како нацистички поздрав за време на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Претходно, коментирајќи ги позитивните реакции од Русија на првата Маскова објава за „ликвидација на ЕУ“, полскиот министер порача дека е повеќе од јасно кому му служи антиевропската реторика.

„Ако некој сè уште се сомнева кому му служи целата таа анти-ЕУ приказна за суверенитетот – на оние кои сакаат да заработат со ширење омраза и на оние кои сакаат да ја освојат Европа,“ напиша Шикорски.

Зачлени се на нашиот е-билтен