Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја напиша книгата за своето искуство во затвор, која во среда ќе се појави во продажба.
Првиот француски лидер од 1945 година што заврши зад решетки, во интервју за Фигаро зборуваше за својот тронеделен престој во парискиот затвор Ла Санте, опишувајќи сè – од сивилото и постојаната врева, до утехата што ја пронашол во разговор со свештеник.
„Бев затечен од отсуството на било каква боја. Сивата доминира насекаде, ги прекрива сите површини“, пишува Саркози. Книгата ја пишувал со пластична пенкало на мал дрвен стол во ќелија од само 12 квадратни метри.
„Во затвор ништо не можете да видите и ништо не можете да правите. Вревата, за жал, е постојана. Но, како и во пустина, внатрешниот живот во затвор се засилува“, раскажува тој.
Неговата ќелија, вели, не била „ништо посебно“, но условите биле строги. Од безбедносни причини бил сместен во изолирана единица, а вратата честопати останувала затворена. Како поранешен претседател имал право на постојана полициска придружба – полицајците спиеле во соседната ќелија.
Исхраната, пак, главно се состоела од „млечни производи, енергетски плочки, минерална вода, јаболков сок и неколку слатки“.
На прашањето зошто решил да ја напише книгата, Саркози одговорил: „Мораше да дадам одговор на едно едноставно прашање: ‘Како стигнав до тука?’ Мораше да размислам за овој чуден живот, кој ме водеше низ толку екстремни ситуации“.
Книгата ја завршил неколку дена по излегувањето од затвор и прво ѝ ја покажал на својата сопруга, пејачката и поранешна манекенка Карла Бруни, која, како што вели, „била воодушевена“. Потоа ракописот им го предал на адвокатите, кои отстраниле одредени делови.
Духовното разбудување што го доживеал во затворот е значаен дел од дневникот. Опишува дека уште првиот ден клекнал и се молел: „Беше природно. Останав така неколку минути“, додавајќи дека молел за сила да ја издржи „оваа неправда“.
Два дена по пристигнувањето, го посетил затворскиот капелан, ангажиран од неговиот син Жан.
„Не можам да речам дека со нетрпение ја очекував средбата, но средба во текот на денот беше подобро отколку ништо… Дали беше тоа знакот што го чекав? Не знам, но ми овозможи овој неделен ден, поминат во очекувана самотија, да го доживеам со голем спокој“, пишува Саркози, додавајќи дека уживал во разговорите со свештеникот за верата, папата и селските цркви.
Книгата излегува во среда, а Саркози ќе ја почне промотивната турнеја во книжарница во близина на неговиот дом во Париз. Потоа ќе патува на југот на Франција, каде ќе одржи промоција во Ментон на Азурниот Брег, во друштво на својот син Луј, кој се кандидира за градоначалник на претстојните избори.
Саркози и натаму тврди дека е невин во врска со обвиненијата за добивање финансиска помош од убиениот либиски лидер Моамер Гадафи. Тој (70) во октомври беше осуден на пет години затвор поради улогата на Либија во финансирањето на неговата претседателска кампања во 2007 година. Дел од книгата веќе беше објавен од Фигаро и други француски медиуми.
Ако апелациониот суд во март ја потврди пресудата, поранешниот претседател на Франција повторно може да се најде зад решетки – овојпат на подолг период.
Саркози го очекува и друго судење во врска со наводниот обид да се заташка случајот за финансирање на кампањата, со притисок врз сведокот – француско-либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин, кој во 2016 година тврдеше дека носел торби полни пари од Триполи во француското Министерство за внатрешни работи, но подоцна ја повлече изјавата.

