Starlink му ја „краде“ вселената на Хабл: НАСА предупредува

НАСА официјално предупредува: телескопот „Хабл“ – симболот на модерната астрономија – влегува во ера во која главна закана не му се вселенската прашина и староста, туку комерцијалните сателити од мегакостелациите како Starlink на SpaceX.

Нова студија предводена од астрофизичарот Алехандро Серано Борлаф од НАСА покажува дека растечкиот рој сателити во ниска орбита околу Земјата драматично го менува квалитетот на сликите од вселенските телескопи. Според пресметките, скоро секоја трета снимка на „Хабл“ во следните години би можела да биде загадена со светлечки траги од сателити, доколку се реализираат плановите на индустријата за масовно лансирање нови летала.

Причината е едноставна и брутална: во 2019 во орбитата имало околу 2.000 активни сателити, денес се над 15.000, а сценаријата на студијата предупредуваат на бројка и до 500.000 во наредната деценија, најмногу преку проекти како Starlink на SpaceX, Guowang на Кина и системот на Amazon. Секој од тие сателити ја одбива сончевата светлина и зад себе остава светла линија на долгите експозиции – токму истиот терен на кој телескопите „ловат“ бледи галаксии, астероиди и можна трага од планети надвор од Сончевиот систем.

„Ова е првата научна студија која специјално ги моделира ефектите на светлосното загадување од мегакостелациите врз вселенските телескопи“, објаснува Борлаф, додавајќи дека досега фокусот бил речиси исклучиво на проблемите за наземните опсерватории.

И „Хабл“ не е најлошо поминат. Според сценаријата на НАСА, до 40 проценти од неговите идни снимки би можеле да бидат делумно контаминирани од сателитски траги. Кај другите телескопи, прогнозите се уште пострашни: за европската мисија ARRAKIHS се проценува дека светлечки линии би се појавиле на околу 96 проценти од сликите, а за новиот спектроскопски телескоп SPHEREx – дури до 99 проценти. Тоа значи дека речиси секое набљудување би било „загризено“ од вештачка светлина.

Последиците не се само естетски. Сателитските траги можат да ги маскираат слабите сигнали од далечни галаксии, да ја искриват фотометријата и да отежнат или онеспособат критични задачи како детекција на мали, темни астероиди во близина на Земјата или прецизно мерење на светлината од далечни ѕвезди во потрага по егзопланети.

Клучниот проблем е правниот и регулаторен вакуум. Во моментов, секоја држава одделно издава дозволи за лансирање, а ниската Земјина орбита се третира како практично неограничен ресурс. Истражувачите предупредуваат дека без меѓународни правила – од ООН до националните регулатори – кои би го ограничиле бројот, висината и сјајот на сателитите, вселенската астрономија ќе стане жртва на комерцијалните интереси.

Зачлени се на нашиот е-билтен