На површината на Марс, меѓу црвената прашина и темните базалтни камења, се појавиле чудно избелени точки – како некој да фрлил креда по пејзажот. Токму тие бели дамки, забележани од роверот „Персеверанс“ во кратерот Језеро, сега се едни од најсилните докази дека делови од Црвената планета некогаш имале топла, влажна клима налик на тропски појас на Земјата.
Научниците утврдиле дека избелените карпи се составени од минералот каолинит – бела, богата со алуминиум глина, која на Земјата се формира кога милиони години топли дождови и влажна клима постепено ги „испираат“ другите минерали од карпата. Такви глини денес се среќаваат во тропски предели, од јужноафрикански почви до бреговите кај Сан Диего. Фактот дека истиот минерал се појавува и во кратерот Језеро, местото каде некогаш постоело езеро, е силен знак дека таму не текла само вода – туку владеела долготрајна, влажна клима.
Студијата, објавена во списанието „Communications Earth & Environment“, го поврзува овој тип глина со сценарио во кое древниот Марс имал места со обилен дожд, висока влажност и стабилни температури, доволни карпата полека да се претвори во бела глина. Тоа е радикално различна слика од денешниот Марс – студен, сув и без течна вода на површината.
Роверот „Персеверанс“ најпрво ги забележал овие карпи како светли точки на црвеникаво-портокаловата подлога. Подеталните спектрални мерења потоа покажале типично „потпис“ на каолинит – минерал кој бара години, па и милиони години интезивно дејство на вода за да се формира. Кај нив нема траги од други елементи кои вообичаено остануваат во карпата, што укажува дека дождовите и подземните води некогаш речиси целосно ги „исплакнале“ сите други минерали.
За да потврдат дека навистина гледаат нешто споредливо со земските тропски глини, научниците ги споредиле податоците од Марс со примероци каолинит од јужноафрикански и калифорниски предели. Хемискиот и минералошки состав, како и начинот на распоредување на глината во карпите, се покажале изненадувачки слични – уште една потврда дека на тоа место на Марс некогаш владееле услови кои денес ги поврзуваме со дождовни шуми и тропски почви, а не со замрзната пустина која ја гледаме денес.
Сателитските снимки дополнително ја прошируваат приказната: светлите дамки што ги гледа „Персеверанс“ изгледа се само мал дел од многу пошироки појаси на каолинит под марсовата прашина. Тоа значи дека древната „оаза“ во Језеро можеби не била изолиран феномен, туку дел од поголем систем на влажни региони, формирани пред околу три до четири милијарди години, во време кога Марс се уште имал посилно магнетно поле и погуста атмосфера што ја задржувала водата.
Откритието се надоврзува на претходни мисии што покажаа дека на Марс постоеле езера, реки и големи наслаги од глини и други минерали поврзани со вода. „Куриосити“ веќе откри сложени органски молекули во древно езерско корито, а други анализи укажаа на минерали како бор и хематит – „состојки“ што на Земјата се поврзуваат со средини погодни за живот. Новите избелени карпи се важен дел од истиот мозаик: тие не докажуваат дека имало живот, но покажуваат дека на некои места на Марс постоеле стабилни, влажни и хемиски активни средини во кои микробиолошкиот живот барем не би бил невозможен.

