ЕУ ќе интервенира за да ги откочи тесните грла во електроенергетската мрежа

Европската унија се подготвува да ги засили напорите за развој на прекуграничната енергетска инфраструктура, со цел да ги намали скапите блокади во мрежата и да го забрза развојот на нови електропреносни капацитети, покажуваат нацрт-документи до кои дојде „Ројтерс“.

Иако земјите-членки вложија значителни средства во нискобуџетни обновливи извори, развојот и модернизацијата на мрежите не го следат тој раст. Поради тоа, сè почесто се ограничува производството на ветерни и соларни електрани за да не дојде до преоптоварување на мрежата, што резултира со загубена енергија и повисоки трошоци за потрошувачите.

Според нацрт-предлогот што Европската комисија треба да го објави во среда, ќе се изработи централизирана европска стратегија за развој на прекуграничната електроенергетска инфраструктура, во соработка со операторите на мрежите и со енергетските компании, со цел побрзо реализирање на клучните проекти.

Недоволните инвестиции во мрежната инфраструктура придонесуваат кон високите енергетски цени во Европа, кои се два до три пати поголеми отколку во Кина и САД, чест аргумент на индустриите кои тврдат дека ваквите трошоци ја намалуваат нивната конкурентност.

Во документот се наведува дека „развојот на мрежата може да донесе значајна додадена вредност и заштеди за Европејците“. Пресметките покажуваат дека инвестиции од пет милијарди евра во мрежата би намалиле осум милијарди евра од вкупните трошоци на енергетскиот систем.

Застарената инфраструктура ги зголемува сметките

Нацрт-документите предупредуваат дека, доколку не се преземат мерки, до 2040 година ЕУ би можела да биде принудена да ограничи до 310 терават-часови обновлива енергија поради недоволни мрежни капацитети. За споредба, домаќинствата во ЕУ во 2023 година потрошиле 691 терават-часови електрична енергија.

Вториот нацрт-предлог на Комисијата предвидува измени во европското законодавство со кои владите би можеле да ги изземат мрежните проекти од задолжителните студии за оцена на влијанието врз животната средина, поради долгите административни процедури што знаат да ги одолговлечат проектите со години. Мали обновливи и складишни проекти, пак, би биле ослободени од потребата за добивање еколошки дозволи.

Портпарол на Комисијата одби да коментира за нацрт-документите. Секоја евентуална промена во европските закони ќе бара согласност од земјите-членки и Европскиот парламент.

Предлогот, исто така, предвидува пократки рокови за одобрување дозволи за мрежни проекти, вклучително и шестмесечен лимит за инсталација на станици за полнење електрични возила. Ако институциите не одговорат во пропишаниот рок, дозволата би се сметала за автоматски одобрена, мерка што има за цел да ги намали долготрајните административни процедури кои во некои земји траат со години.

Зачлени се на нашиот е-билтен