Земјите членки на ЕУ вчера го одобрија воведувањето центри за враќање на мигранти во нацрт-закон, бидејќи блокот се стреми да ги забрза депортациите.
Според предлогот, земјите-членки на ЕУ би можеле да враќаат нерегуларни мигранти во трети земји, без разлика на нивното потекло, сè додека имаат билатерални договори. Центрите можат да бидат или места на транзит или локации каде што се очекува лицето да остане.
Со враќање на нелегални мигранти без право на престој во ЕУ во трета земја, земјите-членки би можеле да го забрзаат враќањето, но тоа би можело да ги загрози и животите на луѓето бидејќи тие би биле вратени во земји со кои немаат никаква врска.
Оваа одредба е дел од нов закон наречен „регулатива за враќање“, дизајниран да ја спроведе правната важност на налозите за враќање во сите земји-членки, за кој Европската комисија тврди дека ќе овозможи побрзо извршување на депортациите надвор од Европската Унија.
Законот, кој мора да биде одобрен од Европскиот парламент пред да стапи во сила, е дел од целокупниот напор да се отежни влезот на нерегуларните мигранти во Европа, но исто така да се забрза нивниот излез, бидејќи јавното мислење и новите политички мнозинства инсистираат на построга линија.
Центри за враќање како привремена или крајна дестинација за мигранти
Природата на секој центар за враќање ќе зависи од билатералните договори склучени од поединечните земји-членки на ЕУ со земји кои не се членки на ЕУ.
Центрите можат да бидат место на транзит, чекор пред поединецот да се врати во својата земја на потекло или да станат трајна локација за оние кои немаат право да останат во ЕУ.
Поединците би можеле да бидат вратени во нивните земји на потекло или дури и во трети земји, под услов да се придржуваат до меѓународните стандарди за човекови права и принципите на меѓународното право.
„Критериумот за поврзување сега е отстранет. Ова им овозможува на земјите-членки да воспостават центри за враќање или како транзитни центри, каде што нерегуларните мигранти се обработуваат пред да бидат испратени во нивните матични земји, или како објекти каде што лицето може да биде задржано подолг период“, изјави данскиот министер за имиграција и интеграција, Расмус Стоклунд, за новинарите во понеделник.
Организациите на граѓанското општество го критикуваа воведувањето центри за враќање како нехумана практика што ќе ги зголеми злоупотребите и целокупните кршења на човековите права кон мигрантите.
Во заедничка изјава објавена минатиот јули, додека ЕУ го истражуваше законодавството презентирано денес, повеќе од 100 организации – вклучувајќи ги Амнести Интернешнл, Акција Еид, Каритас Европа и Хјуман рајтс воч – предупредија дека предлогот ризикува да ја оддалечи ЕУ од меѓународното право и може да доведе до нелегални враќања и произволни притворања.
Повеќе „ефикасни“ враќања бидејќи ЕУ бара побрзи протерувања
Само 20% од наредбите за враќање се спроведуваат, според податоците на Европската комисија.
Новото законодавство има за цел да го зголеми тој број на протерувања со донесување построги правни последици ако повратникот не соработува со властите, одземајќи работни дозволи, па дури и наметнувајќи кривични санкции, вклучително и затвор.
Истиот пристап би се применувал и за земјите надвор од ЕУ кои одбиваат да ги примат своите државјани, што пак може да влијае на билатералните односи. Оваа година, тензиите се зголемија меѓу Франција и Алжир поради она што Париз го нарече невообичаено мал број репатријации, на пример.
Што прави Македонија?
Со овој најнов развој на мигрантските политики на ЕУ, но и на другите европски земји кои се цел на мигрантите, полека се пополнува мозаикот на големата слика за идните политики и акции по ова прашање на европскиот континент.
И додека Европа активно работи на овие прашања, се чини дека станува се појасно дека Северна Македонија, од транзициска земја полека се соочува со можноста да стане трајна дестинација за мигрантите.
Како експлозија оваа тема се прошири на крајот на минатата недела и за време на викендот, откако британските медиуми открија дека Кир Стarмер и Христијан Мицкоски разговарале за планот на британската влада за т.н. „центри за враќање“ на мигранти и ја отворија чувствителната тема за тоа дали Македонија може да стане дестинација за лица чии азилни барања се одбиени во Обединетото Кралство.
Додека во Македонија, Владата и ВМРО-ДПМНЕ невешто и крајно нејасно и со контроверзни изјави се обидуваат да го гасат или стават под контрола пожарот што според сите индиции самите си го запалија, во Велика Британија оваа тема е централна во нивните дебатни телевизиски емисии.
Тајност за мигрантското прашање во договорот со Велика Британија
Веќе станува јасно дека заедничката соработка околу мигрантите е дел од стратешкиот договор вреден 5 милијарди евра што го постигнале македонската и британската влада. Впрочем и објавата на амабасадата на Велика Британија, која првенствено има(ше) за цел да помогне во гаснењето на пожарот, го потврдува тоа:
„Двете држави соработуваат преку Заедничката единица за миграција, во борбата против нерегуларната миграција и организираниот миграциски криминал, засилувајќи ја безбедноста и преземајќи мерки против криминалните мрежи“.
Но, треба да биде јасно, јавноста во Македонија, која, како што видовме погоре, има искуство со мигрантите, најмалку што очекува е за ова нејзината влада да преговара тајно, а да тврди дека нема договор за прифаќање на мигрантите што ќе бидат депортирани од Велика Британија.
Затоа треба да е јасно дека овде не стануца збор кампања против мигрантите, тукуа за неодговорноста на владата, која прво преговара за ова прашање, а второ крие и е апсолутно нетранспарентна.
Во овој случај фокусот е на нетранспарентната власт којашто си поигрува со довербата на граѓаните што и дале за право и глас да ја спроведува извршната власт.
Освен што е нетранспаретна за договорот со Британците за ова прашање, јавноста има апсолутно право да знае дали владата направиле проценка на безбедносниот ризик, доколку навистина постигнала договор за прифаќање на мигранти.
Дали за ваков договор има правен акт, уредба, план…
Од сето ова сосема е јасно дека за одговори на сите овие прашања, адресата е Владата на Северна Македонија, со оглед на фактот дека од другата страна веќе имаме јасни укажувања дека договор има.

