Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Граници

Давид Албахари: Мултикултурно општество или постои или не постои; културите или се испреплетуваат или пропаѓаат секоја во својот агол; уметниците или се отвораат за различни влијанија или се затвораат во ограничениот простор на нивната локална традиција.

Јас пораснав во еден вид мултикултурно општество, во социјалистичко-комунистичката верзија што постоеше во поранешна Југославија, а моментално живеам во нејзината капиталистичка верзија, во Канада. Всушност, кога ќе се отстрани идеолошкиот слој од двете овие верзии, може да се види дека нема разлики – мултикултурно општество или постои или не постои…

Давид Албахари

1.

Почнав да размислувам за границите во раните деведесетти години на минатиот век. Пред тоа не им верував на оние кои тврдеа дека постојат.

2.

Во општество каде што се испреплетуваат повеќе култури, не може да стане збор за граници. Постоењето на граници во мултикултурното општество всушност значи дека општеството не е мултикултурно, туку дека во него доминира една култура која сака да наметне и одржува контрола врз другите култури. Никогаш не сум живеел во такво општество, општество на строго контролирани култури. Јас пораснав во еден вид мултикултурно општество, во социјалистичко-комунистичката верзија што постоеше во поранешна Југославија, а моментално живеам во нејзината капиталистичка верзија, во Канада. Всушност, кога ќе се отстрани идеолошкиот слој од двете овие верзии, може да се види дека нема разлики – мултикултурно општество или постои или не постои; културите или се испреплетуваат или пропаѓаат секоја во својот агол; уметниците или се отвораат за различни влијанија или се затвораат во ограничениот простор на нивната локална традиција. И иако тежнеам да ја застапувам вредноста на мешаната култура, морам да нагласам дека не верувам дека таа сама по себе е подобра од независната, локална култура. И во двете култури уметниците можат да создаваат вредни дела; и во двете култури тие можат да се паднат во идеолошки обрасци; и во двете култури тие треба да се справат со вонкултурните фактори кои сакаат да ги контролираат културните текови. Предноста на мултикултурното општество е само тоа што го олеснува справувањето со предрасудите на кои се заснова политиката на глорификација на единствена национална култура, иако ни тоа не е гаранција дека поединецот кој доаѓа од мешано општество ќе ги види механизмите на предрасуди кои можат да го насочат кон матниот талог на расизмот.

3.

Бидејќи долго време не верував во граници, никогаш не почувствував дека ги поминувам или дека сум на погрешна територија. Ја почувствував измешаната еврејско-српско-југословенска култура во која пораснав како целина, без ѕидови и врати, отворена за слободно движење, дури и кога имаше забележителни разлики во тие три сегменти. Историјата, на пример, игра различни улоги во нив: еврејската традиција се заснова на цикличното повторување на историјата; српската традиција ја велича историјата како пораз; југословенската традиција се засноваше на селективен пристап кон историјата. Истовремената припадност на овие традиции, сепак, не ме принуди да изберам само една од тие улоги, туку ми овозможи подобро да ги согледам механизмите што функционираат зад нив, а со тоа и попрецизно да ги согледам нивните слаби и силни страни.

4.

Овде не зборувам за идентитетот, бидејќи изборот на идентитет не е она што на крајот, ако не се лажам, го дефинира писателот. Она што го дефинира е неговиот јазик и неговиот стил. Идентитетот – овде сфатен како тоа што го идентификува поединецот со пошироката заедница на која и припаѓа – не треба да игра никаква улога во создавањето. Писателот може, на пример, да се чувствува како Србин или Евреин, без ништо од тоа да влезе во прозата или поезијата што ја пишува. Кафка е згоден пример: ако кажеме дека тој бил Евреин кој пишувал во Прага на германски јазик, каде го класифицираме? На германската литература, на која и припаѓа по избор на јазикот; на чешката, на која и припаѓа по местото; или на еврејската, на која и припаѓа по потеклото? Има и такви кои веруваат дека токму неговиот стил – кој наводно се заснова на имитирање на талмудско пишување – го дефинираат како еврејски писател, иако речиси ништо во неговата проза не укажува на еврејска содржина. Други ќе инсистираат дека прашкиот амбиент е она што го прави Кафка – Кафка, додека лингвистичките нишки што го поврзуваат со германската литература ќе бидат одлучувачки фактор за оние кои го сметаат за германски писател. Можеби најдобриот одговор е дека Кафка е сето тоа, но и нешто повеќе: дека тој е, всушност, писател без граници, мултикултурен писател, во најдобра смисла на зборот, кој го надминува секое ограничување кое идентитетот, јазикот или национална традиција може да наметне.

5.

Границите, се разбира, без разлика како ги дефинираме, поттикнуваат дискусија за припадноста, дури и во ситуација кога, на пример, писателот се обидува да живее на самата граница, обидувајќи се да избегне каква било изјава за припадност на едната или другата страна. Многумина, сепак, нема да му дозволат тоа и ќе му го ускратат правото да биде она што го сака. Литературата, велат, произлегува токму од чувството на припадност, а тоа е единственото нешто што се брои. А јазикот? Зарем јазикот не е единствената вистинска припадност на писателот, имајќи предвид дека светот што тој го создава постои само во јазикот и никаде на друго место? Кога, да речеме, Кундера пишува на француски, дали е Чех или француски писател? И кога Шкворецки, кој е канадски државјанин, пишува на чешки, дали тој е етнички канадски писател кој преживува благодарение на политиката на мултикултурализмот или чешки писател кој повеќе не сака да се врати дома? Навидум различни прашања кои ја отсликуваат истата ситуација: сите овие писатели се наоѓаат на бришаниот простор меѓу различни светови, во граничните подрачја меѓу јазиците, книжевната историја и политичките системи. И сите преживуваат токму затоа што не признаваат граници.

6.

И друга мисла ми доаѓа на ум: дека сите тие преживуваат затоа што нивното пишување – можеби не целосно, но сигурно делумно – е одраз на копнежот за она што не се, за она што би можеле да бидат ако прво ги препознаат границите, а потоа ги надминат.

7.

Се разбира, границите се многу позабележителни кога се подвлекуваат со разликата во јазиците, отколку кога – како што е најчесто случајот со еврејската заедница – оваа разлика не постои. Преминувањето, на пример, од еврејска средина во српска средина не бара промена на јазикот, така што нема вистинско чувство за преминување од една на друга „територија“. Припадноста на јазикот е иста на двете „територии“, и разликите – затоа што разликите, сакале или не, секогаш постојат – мора да се бараат на друго место.

8.

Слични елементи наоѓаме и кај писателите кои биле принудени – или самите решиле – да живеат во егзил. Повторно имаме вкрстување на културите и можен судир на јазици, со тоа што носталгијата игра исклучително важна улога во егзилот. Значајно место имаат и политичките и идеолошките аспекти, кои честопати целосно ги потиснуваат за литературата многу посуштинските прашања за јазикот, стилот и мешањето на културите. На крајот, се чини дека егзилот сепак не е такво сениште за писателите, бидејќи без оглед на популарните митови за животот во егзил, повеќето писатели излегуваат како победници од нивното соочување со емигрантската  судбина. Успехот на Исак Башевис Сингер, Владимир Набоков, Јосиф Бродски, Чеслав Милош, Витолд Гомбрович и Хулио Кортасар, на пример, несомнено го потврдува тоа.

9.

Животот во мултикултурно општество, значи, може да му подари на писателот – поточно: на личноста која сè уште не знае дека ќе стане писател – согледувања и сфаќања кои можат пресудно да влијаат на неговата писателска поетика. Исто така, можно е овој живот да го одведе во спротивна насока: да се претвори во поборник за граници, поделби и разни духовни и морални „чистоти“, бидејќи постоењето на мултикултурно општество не значи автоматски дека тоа општество ги оставило зад себе сите негативни аспекти на заедничкото живеење. Токму примерот на поранешната југословенска мултикултурна заедница покажува колку лесно позитивните карактеристики на мешаното општество можат да се променат во негативни претстави и да се злоупотребат за различни политички или националистички цели. Евреинот кој сега расте во Србија и кој многу често наидува на изрази на отворена омраза кон Евреите, сосем сигурно ќе развие поинаква слика за мултикултурализам од оние Евреи кои, како мене, пораснале во педесеттите и шеесеттите години, кога таквите појави беа многу ретки. И додека јас, со моите сеќавања и благодарение на фактот што живеам далеку од таму, покажувам подготвеност да го разберам и до одреден степен да го оправдам тоа, еден млад Евреин во Србија веројатно сè повеќе се сомнева во можноста за мултикултурно живеење и чувствува страв и загриженост од кои јас бев поштеден. Таму каде што јас не видов граници, тој (или таа) можеби ќе види непробојни ѕидови.

10.

Последните десет години, кои ги поминав далеку од Земун, не сменија ништо на сликата што делумно ја скицирав во претходните фрагменти. Една од причините за тоа секако треба да се бара во тоа што во новата средина не се ни трудев да станам дел од нејзината литература и култура. Да го пробав тоа, не се сомневам дека – и покрај официјалниот мултикултурализам овде – ќе се соочив со поцврсти и посурови граници од оние со кои повремено се среќавав во мојата стара средина. Додуша, тоа би биле повеќе, кога би можел така да ги наречам, еснафски граници, предупредувања дека влегувам на туѓа територија, дека сепак сум натрапник – особено што не пишувам на ниту еден од официјалните јазици – но границите се граници и ми прават да се чувствувам лошо, без разлика од каде доаѓаат. Затоа избрав да ја играм улогата на незаинтересиран гостин, улога која ми овозможува слободно да се движам низ друга култура без да ме доведе во конфликт со оние кои веќе ја населуваат.

Така мојата изворна културна област остана непроменета, иако во неа престојувам многу повеќе во соништата и фантазиите отколку во реалноста. Меѓутоа, далечината ми овозможи да видам колку многу ѝ должам на југословенската мешавина на култури во кои пораснав, особено на сплетот од српската и еврејската култура. Бидејќи таа мешавина повеќе ја нема, а јас одбивам да се откажам од неа, не е ни чудо што се чувствувам како бродоломник кому ниту едно копно не му изгледа сосем безбедно. Седам на сплавот и испраќам пораки во шишиња. Морето понекогаш е бурно, понекогаш мирно, никогаш сосема стабилно, но едно е сигурно: морето никогаш не признава граници.

Давид Албахари (Пеќ, 15 март 1948) е српски писател од еврејско потекло, кој пишува романи и кратки раскази, а последниве децении живее во Калгари, Канада. Автор е на 18 збирки раскази, 16 романи и пет книги со есеи, за кои има добиено бројни интернационални награди и признанија.

Извор: Sarajevske sveske

Најново