Од 1 јануари 2026 година државата влегува во тест фаза на новиот систем е-фактура – проект кој, според Управата за јавни приходи, треба значително да го намали ризикот од злоупотреби, сива економија и фиктивни фактури. Директорката на УЈП, Елена Петрова, најави дека станува збор за една од клучните дигитални реформи и за администрацијата и за бизнис-заедницата.
Петрова зборуваше на панелот „Дигитална трансформација на јавниот сектор“ на годишната конференција за дигитализација на АмЧам. Таму појасни дека е избран модел на модерно, централизиранo државно решение, усогласено со меѓународни стандарди, кое треба да биде лесно за примена и интеграција во системите на компаниите. Целта е преку овој систем уште на влез да се фатат спорни фактури, неправилно пријавен ДДВ и расходи што не се признаваат за стопанска дејност.
Подготовките за е-фактура започнале на 1 јули годинава, а веќе е завршена набавката на современа ИТ-опрема што треба да обезбеди стабилна инфраструктура. Тест фазата што почнува на 1 јануари 2026 ќе биде наменета главно за ИТ-компаниите и тимовите што развиваат и одржуваат фактурирачки системи, како и за економските оператори кои користат сопствени софтверски решенија. На нив ќе им бидат ставени на располагање техничката документација и комуникацискиот механизам за безбедна, автоматска размена на податоци во контролирана тест-околина.
Планот е до крајот на првиот квартал 2026 да бидат објавени клиентската и веб-апликацијата наменети за помалите компании кои немаат свои фактурирачки системи. До крајот на вториот квартал треба да се постави продукцискиот сервер, а до крајот на третиот квартал да заврши целосното тестирање и да почне постепената имплементација во реални услови. Фазите на задолжителна примена сè уште не се прецизирани – ќе се дефинираат по анализата на резултатите од тест периодот и капацитетот на системот.
Еден од клучните елементи на новиот модел е што преку државниот систем, освен фактурите, ќе поминуваат и сите пропратни документи – испратници, приемници, временски ситуации и други потврди поврзани со конкретен деловен настан. На тој начин, за секоја трансакција ќе постои комплетна и трајна електронска трага. Петрова објасни дека токму оваа интегрирана деловна документација треба да го минимизира просторот за фиктивни фактури и злоупотреби со даноци.
Системот ќе функционира во реално време – фактурите ќе се издаваат преку државната платформа, а податоците ќе пристигнуваат директно во УЈП. Ваков пристап, велат од Управата, е најблиску до концептот „Даночна администрација 3.0“ на ОЕЦД, кој се темели на висока интеграција помеѓу системите на даночните органи, компаниите и другите институции. Главните предизвици се поврзани со димензионирањето и брзината на системот, заштитата на податоците, гаранцијата за автентичност на фактурите и отпорноста на сајбер-напади и блокади.
На отворањето на конференцијата беше испратена и поширока порака: дигитализацијата не е само техничко прашање, туку инструмент за јакнење на владеењето на правото, стеснување на просторот за корупција и создавање поунифицирани, транспарентни услуги за граѓаните и бизнисот. Од АмЧам порачаа дека напредокот зависи од партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор и инвестирање во дигитални вештини на сите нивоа – од институциите, преку компаниите, до граѓаните кои треба да се чувствуваат безбедно кога ги користат новите системи.

