Во пресрет на големи јубилеи, разговараме со Сашо Додовски, директор на МКЦ Битола, и Златко Талевски, извршен директор, за тоа како изгледа да се работи во објект со културно наследство, за нивната мисија, соработките, предизвиците и сè она што го создаваат повеќе од две децении и половина.
Рацин: Како е да се работи во објект што претставува културно наследство?

Сашо Додовски:
Приказната има долга историја. Пред да се вселиме овде, МКЦ Битола долго време бараше простор за работа. Проектната програма која ни ја поддржа иницијативата имаше строги услови: просторот не смееше да биде приватен, ниту подложен на денационализација. Мораше да е државен објект – само така инвестицијата во реновирање ќе беше оправдана, бидејќи тие средства требаше да претставуваат еквивалент на повеќегодишна кирија.

Така стигнавме до овој објект – стара куќа на битолското влашко семејство Зози, продадена на СИЗ за домување во поранешна Југославија. Ретка ситуација, затоа што тогаш не беше вообичаено приватни семејства да продаваат имот на државни институции.



Имавме потешкотии неколку години: донацијата беше во долари, кои во меѓувреме изгубија една третина од вредноста. Но по долг процес, ни беше дозволено вложените средства да се пресметаат како осум и пол години кирија. Со тоа успеавме да го добиеме објектот во кој денес работиме – автентичен, стар, но целосно наш.
Рацин: Колку долго постои МКЦ Битола како организација?
Златко Талевски:
Како неформална група постоиме од 1997 година, а официјално сме регистрирани од 1999. Како Младински културен центар Битола работиме од 2002 година. Програмата „Живо наследство“ ја поддржа идејата да се вдоми нов живот во стар заштитен објект – и целата куќа, од студиото, до канцелариите и просторот за презентации, дваесет години живее преку нашите програми.

Рацин: На кои проекти сте најгорди?
Златко Талевски:
Прво – самото создавање на независна институција во ваков објект. Тоа беше наш најголем проект.
Во изминатите дваесет години поддржавме стотици млади уметници, ја развивавме урбаната култура, волонтерството, неформалното образование, граѓанскиот ангажман. Бевме дел од иницијативи за креирање локални и национални политики. Илјадници млади поминаа низ МКЦ и веруваме дека оставивме трага – културна, образовна, човечка.
Рацин: Со кого имате најдобра соработка?
Сашо Додовски:
Никогаш не сме зависеле од еден извор на финансирање – и тоа е нашиот најголем квалитет. Имаме искуство со речиси сите странски донатори што поддржувале иницијативи во државата.
Од институциите – со оние што биле надлежни за темите што сме ги работеле: општината, општините во регионот, министерствата, национални тела… Препознаени сме, поддржани сме, и резултатите ја валидизираат нашата работа.



Рацин: Која е вашата основна мисија?
Златко Талевски:
Да создадеме подобри услови за живот на младите. Кога почнавме бевме млади – денес работиме за младите. Нашата мисија 20 години не е сменета:
обединување на креативните потенцијали и поттикнување на активизам и волонтерство.
Сите програми се наменети за исполнување на оваа мисија.
Рацин: Успевате ли да ги мотивирате младите?
Златко Талевски:
Секако. Многу генерации поминаа низ нас – дел останаа во Битола, дел се преселија, но сите стекнаа нешто: волонтерско искуство, културна писменост, простор да создаваат. На многумина МКЦ им беше првата шанса за изложба, проект, настан. Веруваме дека тоа остава длабоки траги.

Рацин: Што е ново? На што работите тековно?
Златко Талевски:
Отвораме нова тема – праведна транзиција. Утре во Скопје организираме национална конференција. Пелагонискиот регион е специфичен поради РЕК Битола, а преминот кон обновливи извори на енергија е неизбежна реалност. Работиме со десет општини, активирајќи локални економско-социјални совети.
Сашо Додовски:
Темата произлезе од самите совети – тела составени од бизнис сектор, синдикати, општини и граѓански организации. Ние го водиме социјалниот дијалог, а праведната транзиција се наметна како приоритет за целиот регион.

Рацин: На што сте најособено горди?
Златко Талевски:
На фестивалот „Битола отворен град“, кој следната година ќе го одржи своето 25-то издание. Фестивалот е младински, музички, регионален, европски – и сите 24 плакати од изминатите години се внимателно зачувани и изложени во куќата. Се надеваме дека следното издание ќе биде најуспешно досега.
2026 – Година на МКЦ Битола
Следната година, објектот во кој работи МКЦ Битола слави 100 години, а фестивалот „Битола отворен град“ – 25 години.
Организацијата сама по себе веќе создава 26 години живо наследство, а 2026 ќе биде година во која МКЦ Битола ќе ги слави сите слоеви на својата историја – просторот, луѓето, младите, програмите и културата што ја создаваат секој ден.