Евровизија 2026 сè помалку наликува на шарен музички спектакл, а сè повеќе на политичко поле на длабоки поделби. По Шпанија, Ирска, Словенија и Холандија, и Исланд реши да ја повлече својата пријава: островската држава нема да учествува во Виена, затоа што Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одби да го исклучи Израел од натпреварот.
Одлуката на јавниот сервис RÚV стигна веднаш по потврдата од ЕБУ дека израелскиот радиодифузер KAN и понатаму има право на учество. Во сопственото соопштение, Исладјаните предупредија дека присуството на Израел создава „раздор меѓу членките на ЕБУ и во општата јавност“, и отворено порачаа дека не гледаат како може да се постигне чесен договор во такви услови.
Со тоа, Исланд се приклучи на групата земји што веќе го најавија бојкотот на Евровизија 2026: Шпанија, Ирска, Словенија и Холандија. Дел од нив не само што нема да испратат свој претставник, туку најавија и дека воопшто нема да го пренесуваат натпреварот – јасен сигнал дека спорот не е само околу учеството, туку и околу легитимитетот на целото шоу во година во која Газа останува отворена рана на Блискиот Исток.
Целата драма се интензивираше по состанокот на ЕБУ во Женева. Таму, мнозинството членки оценија дека промените на правилата за натпреварување – вклучително и заострување на гласачките процедури – се доволни за натпреварот да продолжи по постојните рамки. Формално гласање за исклучување на Израел воопшто не се одржа, бидејќи било јасно дека нема мнозинство за таква одлука.
Исланд не се согласи со овој расцеп меѓу „техничкото“ и политичкото. RÚV побара исклучување на израелскиот радиодифузер, повикувајќи се на претходни преседани кога ЕБУ суспендираше или исклучуваше членки поради политичко однесување, и предупреди дека игнорирањето на моменталната ситуација ја нарушува репутацијата на натпреварот. Во нивното читање, „неутралноста“ што ја спомнуваат челниците на Евровизија повеќе личи на одбивање да се признае тежината на војната и хуманитарната криза.
Противниците на учеството на Израел нагласуваат две линии на критика: воената – улогата на Израел во Газа и бројот на цивилни жртви – и процедурната, поврзана со обвинувањата за неправични практики при гласањето. Во неколку европски медиуми веќе се појавија анализи дека Израел ја зајакнал својата позиција на претходното издание на Евровизија во Швајцарија преку масивна платена кампања, по што ЕБУ најави заострување на правилата за да се ограничи влијанието на владите и спонзорираните гласови.
Сликата од европската мапа е парадоксална: додека дел од земјите молчат и се обидуваат да го задржат натпреварот во рамките на „шоуто“, други веќе јавноста ја носат во сосема друг правец. Ирскиот јавен сервис РТЕ, на пример, отворено соопшти дека е „несовесно“ да се учествува и да се пренесува Евровизија „со оглед на ужасната загуба на животи во Газа“. Шпанија пак уште во септември најави дека ќе остане дома ако Израел не биде исклучен – порака која тогаш изгледаше радикално, а денес делува како почеток на поширок тренд.
Во таков амбиент, Виена 2026 ризикува да стане симбол на криза наместо на европско музичко обединување. Ако бојкотот продолжи да расте, ќе остане да виси прашањето колку уште земји ќе сакаат да бидат дел од фестивал кој половина континент го доживува како „само уште една сцена“ на геополитичките судири. Една од пораките што доаѓаат од Скандинавија и од дел од Западна Европа е јасна: Евровизија не може да се претставува како аполитична, додека на сцената излегуваат држави со отворена војна и тешки обвиненија за кршење на човекови права.