По повод Светскиот ден на планината, членовите на Планинарскиот клуб „Љуботен“, кој годинава одбележува значајни 100 години постоење, за Рацин.мк открија што за нив значи планината – простор на слобода, училиште за трпение и извор на силна, чиста енергија.

Планинарот Владимир Златковски вели дека планината за него е место каде што повторно се наоѓа себеси. Во нејзината тишина ја чувствува слободата, а во нејзината големина ја гледа и својата сила и својата слабост. „Таа е моето засолниште од бучавата, мојата школа за трпение и мој потсетник дека вистинскиот мир постои — само треба да се искачиш до него“, споделува тој.

За планинарката Маријана Димоска Јованоска, секој чекор во планина е ново искуство и нова лекција: како да го пронајдеме мирот, спокојот и слободата. „Планината не учи на благодарност, трпеливост и претпазливост, да се радуваме и на мали нешта. Не инспирира, мотивира и не сплотува“, вели таа, додавајќи дека Македонија има некои од најубавите планини во светот – богатство што треба да го чуваме и сакаме.

Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“, потсетува дека кога еднаш ќе ја запознаеш планината – стануваш дел од неа. Тој ја открил Шара во време кога била помалку деградирана и послободна, а денес, благодарение на богатата историја што ја чуваат генерации планинари, ја сака и штити уште повеќе. „Планината е чиста енергија. Јас живеам со планината. За мене, секој ден е Ден на планината“, нагласува Божиновски.
На Светскиот ден на планината, нивните зборови нè потсетуваат дека планините не се само природни убавини – тие се наши учители, наши огледала и наши засолништа. А нашата задача е да ги запознаеме, почитуваме и чуваме, за да останат дом на мирот и силата за сите генерации што доаѓаат.