Шаторите поплавени, починато бебе: Газа не може да се справи со невремето поради недостиг на енергенси

Обилните дождови го зафатија Појасот Газа и поплавија стотици шатори во кои се сместени семејства раселени од војната, соопштија локалните здравствени власти. Според нив, од последиците на студот починало осуммесечно бебе – Рахаф Абу Џазар – откако водата навлегла во шаторот на нејзиното семејство во Кан Јунис на југот на енклавата, пренесува Reuters.

Мајката, Хеџар Абу Џазар, изјавила дека ја нахранила девојчето пред спиење, но наутро го затекле шаторот поплавен и бебето изложено на дожд и ветер. „Кога се разбудивме, дождот течеше врз неа, ветерот дуваше директно во неа, и таа одеднаш почина од студ,“ изјавила таа за агенцијата.

Општинските власти и службите за цивилна заштита велат дека не можат да се справат со невремето поради недостиг на гориво и силно оштетена опрема. Граѓанската заштита соопшти дека најголемиот дел од шаторските кампови се под вода и дека примиле повеќе од 2.500 повици за помош.

Според ОН, 761 центар за раселени лица – каде престојуваат околу 850.000 луѓе – се во висок ризик од поплави, а илјадници веќе се преместени поради најавените врнежи. ОН и палестинските власти предупредуваат дека итно се потребни најмалку 300.000 нови шатори за 1,5 милиони раселени лица.

Агенцијата UNRWA соопшти дека поплавените улици и натопените шатори дополнително ги влошуваат условите во веќе пренаселените и нехигиенски средини, зголемувајќи го ризикот од болести. Од агенцијата апелираат дека страдањето може да се ублажи само со непречен пристап на хуманитарна помош, медицинска поддршка и соодветен сместувачки капацитет.

Зачлени се на нашиот е-билтен