Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро ја критикуваше денешната одлука во Брисел за трајно замрзнување на рускиот државен имот, тврдејќи дека на тој начин се кршат европските договори и се укинува принципот на едногласност.
Орбан на платформата X напиша дека „Брисел денес го преминува Рубиконот“ и дека одлуката ќе нанесе „непоправлива штета“ на Европската унија. Според него, со новата процедура се заобиколува едногласното одлучување кое до сега се применуваше на секои шест месеци.
„Со оваа одлука завршува владеењето на правото во ЕУ, а европските лидери се ставаат над правилата“, изјави Орбан, обвинувајќи ја Европската комисија дека „систематски го крши европското право“ со цел да продолжи поддршката за Украина.
Одлуката, која ја поддржа големо мнозинство земји членки, треба да обезбеди инструмент за т.н. „репарациски заем“ за Украина во висина од 210 милијарди евра. Европската комисија се повика на Член 122 од европските договори за да избегне можни идни обврски кон Русија по евентуално укинување на санкциите.
Се очекува Унгарија и Словачка да гласаат против, а Белгија да биде воздржана.