Падобранец остана да виси од авион на 4,5 км височина – драматичен инцидент во Австралија (ВИДЕО)

Падобрански скок во Австралија се претвори во драматична сцена кога падобран на еден од скокачите се запетла во репот на авионот, оставајќи го да виси на височина од 4,5 километри, јавува NBC News.

Инцидентот се случил кога резервниот падобран на падобранецот ненамерно се активирал веднаш по излегувањето од авионот Cessna 208 Caravan и се закачил за закрилцата. Падобранецот бил повлечен назад, силно удирајќи во хоризонталниот стабилизатор, околу кој се обмотал падобранот.

Пилотот, кој првично не бил свесен што се случува, ја стабилизирал летелицата откако бил предупреден дека човек виси на репот. Во меѓувреме, останатите падобранци го напуштиле авионот, а заглавениот успеал со специјален нож да пресече 11 јажиња и да се ослободи.

По првиот шок, следел уште еден – главниот падобран бил заплеткан од остатоци од резервниот, но на крајот се отворил и падобранецот безбедно слетал со полесни повреди. Сигурно слетале и пилотот и останатата група.

Клубот што го организирал скокот ќе воведе задолжително носење нож со кука – опрема која, според Австралискиот биро за безбедност во сообраќајот, може да спаси живот во вакви вонредни ситуации.

Зачлени се на нашиот е-билтен