СЗО: Вакцините не предизвикуваат аутизам

Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека не постои причинска врска меѓу вакцинацијата и аутизмот, спротивно на тврдењата кои се шират особено во САД.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека новата анализа на Светскиот советодавен одбор за безбедност на вакцините ги потврдува заклучоците од претходните прегледи од 2002, 2004 и 2012 година: „Вакцините не предизвикуваат аутизам. Како и сите медицински производи, можат да предизвикаат несакани ефекти, но аутизмот не е еден од нив.“

Изворот на тврдењата за врска меѓу MMR вакцината и аутизмот е во поранешна студија од 1998 година која подоцна беше повлечена поради лажирани податоци и чиј резултат не беше повторен.

Тедрос нагласи дека вакцинацијата е еден од најмоќните изуми во историјата на човештвото, која секоја година спасува милиони животи од околу 30 различни болести, вклучувајќи сипаници, маларија и рак на грлото на матката.

Зачлени се на нашиот е-билтен