Астрономите регистрираа еден од најекстремните вселенски настани досега: супермасивна црна дупка во спиралната галаксија NGC 3783 исфрла жарени космички ветрови со брзина од околу 134 милиони миљи на час – речиси една петтина од брзината на светлината. Црната дупка има маса околу 30 милиони пати поголема од масата на Сонцето и се наоѓа на околу 130–135 милиони светлосни години од Земјата.
Настанот започнал со силен блесок на Х-зраци од активното галактичко јадро – регионот околу црната дупка каде гас и прашина постојано паѓаат кон неа. Неколку часа по блесокот, инструментите регистрирале како од истата област се „разлева“ ударен бран од наелектризирани честички, забрзани до фантастична брзина. Научниците го споредуваат процесот со короналните ерупции на Сонцето, кога магнетните линии на полето се заплеткуваат, пукаат и исфрлаат плазма – но ова е ист принцип, пренесен на маса и енергија „на размери што тешко се замислуваат“.
Овој „космички ураган“ бил набљудуван со две вселенски опсерватории за Х-зраци: европскиот XMM-Newton и XRISM, мисија предводена од јапонската агенција JAXA со учество на ЕSA и NASA. Прво, XMM-Newton го регистрирал самиот Х-блесок, а потоа XRISM, преку својот спектрометар Resolve, ги измерил брзината и составот на ветровите што следувале по него. Комбинацијата од двете опсерватории им овозможила на истражувачите да го „фатат на дело“ моментот кога магнетните полиња околу црната дупка се одврзуваат и за неколку часа создаваат ветрови со брзина од 60.000 километри во секунда.
Физички, станува збор за феномен што може да има клучна улога во развојот на самите галаксии. Кога супермасивните црни дупки јадат материја, тие не само што ја влечат навнатре, туку дел од неа ја фрлаат назад во меѓуѕвездениот простор преку џетови и ветрови. Таквите испуштања можат да го исфрлат гасот од централните делови на галаксијата, да го загреат или да го разредат, со што директно влијаат на тоа колку нови ѕвезди ќе се формираат во иднина. Новото набљудување, објавено во списанието „Astronomy & Astrophysics“, дава редок, детално измерен пример за ваков процес во реално време.
Научниците нагласуваат дека ваквите набљудувања се клучни и за проверка на нашите модели за тоа како функционираат активните галактички јадра. До сега, многу од теориите за „исфрлање“ на материја од црните дупки беа засновани на индиректни докази и симулации. Сега, со податоци кои покажуваат како за само неколку часа се создаваат ветрови со релативистички брзини, се добива поточна слика за ролјата на магнетните полиња и динамиката на акреционите дискови околу овие космички „ѕверови“.
Откритието ја потврдува и сè појасната порака од современата астрофизика: супермасивните црни дупки не се само „крајни дестинации“ за материјата, туку активни двигатели што со своите ерупции, ветрови и џетови ја моделираат судбината на галаксиите во кои се наоѓаат.