Националната опера и балет ќе ја изведе популарната оперета „Лилјакот“ од Јохан Штраус II во две изведби – на 23 и 26 декември, со почеток во 19:30 часот.
Од НОБ истакнуваат дека „Лилјакот“ претставува вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело кое повеќе од еден век ја освојува публиката ширум светот и останува безвременски симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Оперетата, создадена во 1874 година, е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II. Со маестрална комбинација од љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, приказната нè носи во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраусовата музика, исполнета со духовитост, елеганција и непресушна мелодиска инвентивност, ја прави оваа оперета една од најизведуваните и најомилените на светските сцени.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата ја потпишува Љупка Јакимовска, сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор-мајстор Јасмина Ѓоргеска, концерт-мајстор Климент Тодороски, а светло-дизајнот е на Милчо Александров.
Во солистичката екипа настапуваат Васко Здравков, Јане Дунимаглоски (23 декември) / Благој Нацоски (26 декември), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска-Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.