Како може патнички авион тежок околу 30 тони и долг речиси 30 метри едноставно да исчезне повеќе од една деценија? Во свет на висока технологија, постојан надзор и строги регулативи, вакво нешто звучи речиси невозможно. Сепак, приказната за индиската авиокомпанија Ер Индија покажува дека и тоа може да се случи.
Авиокомпанијата, која и претходно се најде во фокусот на јавноста поради трагична несреќа оваа година, сега повторно привлекува внимание поради бизарно откритие. Ер Индија успеала буквално да „заборави“ на еден од своите стари авиони – Boeing 737-200 со регистрација VT-EHH, кој цели 13 години стоел паркиран на аеродромот во Калкута (денешна Колката).
Кога аеродромските власти првпат ја контактирале компанијата поради неплатени трошоци за паркирање, од Ер Индија првично негирале дека авионот е нивна сопственост. Подоцна, сепак, признале дека го изгубиле трагото на леталото и дека треба да платат околу 10 милиони рупии за паркирање, сума од приближно 100.000 евра.
Авионите се создадени да летаат
Вакви пропусти се исклучително ретки во авиоиндустријата. Современите авиокомпании се водат од строга економска логика, авионите треба да поминуваат што повеќе време во воздух, а на земја се задржуваат само кога е апсолутно неопходно.
Никој не инвестира стотици милиони евра во патнички авион за да го остави да рѓосува на писта. Вообичаено, леталата имаат најмалку десет години активна служба кај матичниот превозник, по што се продаваат на помали компании или се пренаменуваат во товарни авиони, каде можат да се користат уште две децении. Како последна опција, се расклопуваат и се продаваат како резервни делови – практика што доведе до појава на познатите „гробишта за авиони“.
Мистеријата со документацијата
Дури и ако се занемарат деловните причини, речиси е незамисливо еден авион да биде напуштен поради строгата документација што се води за секое летало. Голем дел од таа документација мора редовно да се обновува за авионот да остане технички исправен.
„Со оглед на регулаторниот надзор, тешко е да се замисли дека авиокомпанија може едноставно да ‘изгуби’ авион“, вели воздухопловниот експерт Џон Стрикланд, основач на JLS Consulting. „Одржувањето и сериските броеви на компонентите треба да бидат прецизно евидентирани.“
Аналитичарите сметаат дека ваквата ситуација произлегла од сложената историја на авионот. Првично бил во сопственост на Indian Airlines, државна компанија што во 2007 година беше споена со Ер Индија. По спојувањето, авионот бил изнајмен на индиската пошта и користен како товарен, што можеби довело до губење на документацијата.
Единствен, но не и изолиран случај
Извршниот директор на Ер Индија, Кембел Вилсон, тврди дека авионот не бил внесен во деловните книги при приватизацијата на компанијата во 2022 година. Бидејќи не постоел во евиденцијата, новото раководство не знаело дека го поседува и, најверојатно, ги игнорирало писмата од аеродромот во Колката.
Иако авионот можел да се користи како товарен или да се продаде за делови, неговата пазарна вредност денес е многу мала. „Станува збор за стар авион со занемарлива вредност“, вели Стрикланд, додавајќи дека веројатно е поисплатливо да се продаде за делови отколку да се платат трошоците за 13 години паркирање.
Иако на прв поглед изгледа како уникатен инцидент, од аеродромот во Колката тврдат дека во изминатата деценија откриле и други „напуштени“ авиони. Затоа, не е исклучено ова да не биде последната необична приказна за заборавено летало.