Маврово – национален парк или национален срам?

Маврово
Од Petrovskyz — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=42136639

Државата веќе со години го одлага репрогласувањето на Маврово за Национален парк. Со тоа најголемиот национален парк во земјата, прогласен за таков уште во 1949 година, се доведува во состојба на неутврден правен статус што може да донесе сериозни и несогледиви последици и штети, со секој нареден ден.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ова прашање и предупредување од насловот на оваа сторија, произлегува од најновиот извештај на Комитетот на Бернската конвенција, телото на Советот на Европа кое што ги определува стандардите што се неопходни за зачувување на природните скапоцености на природните паркови и други заштитени подрачја во Европа.

Парадоксално, но овој Комитет, освен што го активираше алармот, покажува повеќе грижа за природните убавини на нашата земја од домашните институции во чија надлежност е заштитата и грижата за растителното и животниско богатството и разновидност во Македонија.

Истите забелешки за негрижата за Маврово не пропушти да ги запише ниту Европската комисија во најновиот извештај за Македонија, дека едно од највредните природни богатства во Македонија е без соодветна правна и еколошка заштита.

Од Petrovskyz — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=42136635

Поточно, и едноставно нешто што не е за верување, државата веќе со години го одлага репрогласувањето на Маврово за Национален парк. Со тоа најголемиот национален парк во земјата, прогласен за таков уште во 1949 година, се доведува во состојба на неутврден правен статус што може да донесе сериозни и несогледиви последици и штети, со секој нареден ден.

Сериозен институционален неуспех

На овогодинешниот состанок на Бернската конвенција, граѓанската организација Еко-свест извести за состојбите и како резултат на дискусиите се донесе заклучок дека нема напредок во однос на случајот за НП Маврово кој во 2014 година беше отворен. Комитетот одлучи да испрати експертски тим во Македонија во текот на 2026 година со цел да помогне да ги откочи процесите.

Поранешната министерка за животна средина Каја Шукова смета дека нерепрогласувањето на Националниот парк Маврово е сериозен политички и институционален неуспех.

„Државата ги игнорира препораките на Бернската конвенција и јасните забелешки во последниот Извештај на Европската унија, со што го остава едно од највредните природни богатства во Македонија без соодветна правна и еколошка заштита“, предупредува Шукова.

Од Еко-свест, укажуваат уште дека репрогласувањето на НП Маврово е процес кој, за жал трае, и сѐ уште не е завршен веќе 15 години.

„Најверојатно, ова е поради фактот што надлежните гледаат одредени проблеми и конфликтни ситуации кои треба да се надминат во процесот на прогласување и зонирање на подрачјето, но не се подготвени на компромис“, оценуваат од Еко-свест.

Експертите во Еко-свест сметаат дека оддолговлекувањето на репрогласувањето на Маврово за национален парк произлегува интересите на некои кругови на кои повеќе им одговара состојбата да остане „сива зона“.

„Репрогласувањето значи дека треба да се донесе нов План за управување каде детално ќе се пропишат дозволени и забранети активности. Без постоење на ваков план, остава ‘сива зона’ каде ништо не е забрането, па така, во Маврово сѐ уште се одрганизира нелегална сеча и не се почитува мораториумот за легализација и градба, односно постојано никнуваат дивоградби. Најверојатно, интересот е токму во овие активности кои не би биле можно доколку важат строги правила за управување со подрачјето“.

Од Cibrev — сопствено дело, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=32968274

Правниот статус во „сива зона“

Паркот, иако е прогласен во 1952 година требаше да биде ре-прогласен со нови стандарди согласно законот за природа од 2004 година. Тогаш имаше рок до 2010 година да се донесе нов закон за репрогласување на Маврово. Сите други заштитено подрачја го поминаа овој процес, освен Маврово.

Студијата за ревалоризација, врз основа на која треба да се репрогласи Маврово за национален парк, е завршена и објавена на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), пред две години. За таа студија од претходното раководство на ЈУ НП Маврово е добиено позитивно мислење. И тоа е објавено на веб страницата на МЖСПП.

Со промената на раководството во ЈУ НП Маврово, со владата во 2024 година, се менуваат состојбите. Велат дека студијата не е како што треба и дека треба да се прави нова.

„Тоа е апсолутно неточно зашто сите релевантни фактори имаат позитивно мислење за студијата. После студијата и позитивните мислења, се подготви и Закон за репрогласување на Маворово за национален парк. Законот за запрен во МЗШВ и не е пуштен во процедура за негово донесување“, велат соговорниците на Рацин. мк на оваа тема.

Тоа значи дека оваа влада ниту сака да постапува по студијата за ревалоризација, ниту да го донесе законот за репрогласување на Маврово за НП. Само така во ЈУ Маврово ќе може да си работат согласно закон.

Но, додека сето тоа не се озакони, се доведува во прашање статусот на паркот. Бидејќи не е репрогласен, паркот нема менаџмент план кој треба да се направи по репрогласувањето и паркот практично, работи – незаконски.

„Согласно, сите активности кои ЈУНП Маврово ги спроведува за заштита и управување со подрачјето, немаат правен основ. Наместо тоа да е дополнителен стимул што побрзо да се заврши постапката, истата се пролонгира. Последната информација е дека ЈУНП Маврово не ја прифаќа изготвената Студија за валоризација на вредностите на паркот, која е основ за зонирањето“, посочуваат од Еко-свест.

Дополнително, тоа значи дека ренџерската служба не може да работи согласно план за да знае каде ќе има обележување, сеча на шума, планска заштита на живиот свет. Сѐ што е во рамките на управувањето во паркот е не е правно поддржано.

Еко-свест истакнува дека овој институционален вакуум, кој трае повеќе од 2 години, овозможува притисоци од штетни проекти, деградација на природата и загрозување на европски значајни видови, како Балканскиот рис.

„Наместо одговорно управување и владеење на правото, сведочиме на одложувања што го поткопува јавниот интерес и ја компромитира европската агенда на државата“, оценуваат од Еко-свест.

Поранешната министерка за животна средина Каја Шукова е на мислење дека репрогласувањето на Маврово мора да биде итен приоритетна Владата на Северна Македонија. „Тоа е тест за политичка волја, заштитата на природата и кредибилитетот на државата пред граѓаните и пред Европската унија“.

Рацин.мк за сите овие аспекти испрати прашања и до Министерството за животна средина, но до објавувањето на овој текст денеска, од таму нема одговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен