Само неколку недели откако стапи на функцијата градоначалник на Скопје и ја започна гласната акција за „чистење“ на градот, Орце Ѓорѓиевски влезе во првиот сериозен судир со антикорупциските правила. Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека тој не поднел анкетен лист за имотната состојба во законскиот рок, иако како новоизбран градоначалник има обврска тоа да го направи најдоцна 30 дена по изборот. Истата Комисија соопшти и дека Ѓорѓиевски се појавува и во групата поранешни градоначалници кои, по истекот на претходниот мандат, не доставиле завршна изјава за имот.
Антикорупциската комисија денеска објави листа од 35 поранешни и 19 новоизбрани градоначалници кои ја игнорирале законската обврска да ја пријават имотната состојба. Во вториот список, предводен токму од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, се наведени сите функционери што не доставиле анкетен лист по локалните избори во 2025 година. Во првиот список, каде што се поранешните градски татковци и мајки, покрај Данела Арсовска стојат и имињата на низа градоначалници, меѓу кои и Орце Ѓорѓиевски во својство на поранешен градоначалник на Кисела Вода.
Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е дециден: член 82 предвидува дека сите новоизбрани градоначалници мора да поднесат изјава за имотната состојба и интересите во рок од 30 дена од денот на изборот, а по престанок на функцијата се поднесува нова изјава, која овозможува да се види дали и колку функционерот се збогатил во текот на мандатот. За 54-те градоначалници – бивши и актуелни – кои не ја исполниле оваа обврска, Комисијата најави прекршочни постапки и издавање платни налози. Со тоа, случајот на Ѓорѓиевски одамна излезе од рамки на „административен пропуст“ и влезе во зона на јасно прекршување на закон.
Од кабинетот на градоначалникот, пак, понудија објаснување кое дополнително ја поттикна јавната иронија. Во изјава за медиумите, посочија дека Ѓорѓиевски „поради интензивните работни обврски поврзани со преземањето на функцијата и итното ставање во ред на состојбите затекнати во градот“ не стигнал да го поднесе анкетниот лист во законскиот рок, но дека „во наредните денови“ ќе ја испочитува обврската. Дополнително тврдат дека немал „суштински промени“ во однос на имотната состојба што ја пријавил како градоначалник на Кисела Вода, иако неговиот стар анкетен лист сега не е јавно видлив на веб-страницата на Комисијата поради променето софтверско решение.
И додека кабинетот зборува за „интензивни обврски“, јавноста со право забележува дека новиот градски татко имаше време да режира 72-часовни акции за чистење, прес-конференции и медиумски настапи, но не и да пополни електронски образец кој е основен инструмент за антикорупциски надзор. Симболиката е брутална: градоначалник што ветува „чист град“ и „враќање на Скопје во рацете на граѓаните“, а истовремено го заобиколува првиот и најелементарен тест за лична транспарентност.
Случајот на Ѓорѓиевски не е изолиран, но е највидлив. Антикорупциската комисија поентира дека за поранешните градоначалници имотните листови се важни за да се утврди дали мандатот им донел необјасниво зголемување на имотот, а за новите – за да се знае од кое ниво почнуваат. Онаму каде што нема анкетен лист, единствено што останува е сомнежот. И токму тука скандалот станува политичко, а не само правно прашање: каква порака испраќа првиот човек на главниот град кога на самиот старт демонстрира дека законските рокови важат за сите, само не за него?
Однесувањето на Ѓорѓиевски кон ДКСК е тест за тоа дали неговиот мандат ќе се темели на вистинска отчетност или на пи-ар кампањи зад кои остануваат празни обрасци. Ако на првата и наједноставна обврска – да се пополни анкетен лист – одговорот е доцнење, релативизирање и барање изговори, останува отворено прашањето како ќе изгледа односот кон многу посериозните и покомплексни контроли на трошењето јавни пари и доделувањето тендери.