Повеќе од 1.000 цивили биле убиени во април годинава кога суданската паравоена група Сили за брза поддршка (RSF) го зазела логорот за раселени лица Замзам, во регионот Дарфур, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права.
Според извештајот објавен во четврток, околу една третина од жртвите биле егзекутирани по кратка постапка. Нападот се случил од 11 до 13 април, откако со месеци претходно RSF го блокирала влезот на храна и хуманитарни резерви во логорот, во кој биле засолнети речиси половина милион луѓе раселени поради граѓанската војна во Судан.
За време на заземањето на логорот, нападите биле насочени директно кон цивилното население, наведува ОН. Преживеаните сведочеле за масовни убиства, силувања, мачења и киднапирања. Најмалку 319 лица биле погубени во самиот логор или додека се обидувале да побегнат.
„Можно е ваквото намерно убивање цивили или лица кои не учествуваат во борбите да претставува воено злосторство – убиство“, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, во врска со извештајот на 18 страници.
Податоците се базираат на интервјуа спроведени во јули со 155 жртви и сведоци кои успеале да избегаат во Чад. Еден од сведоците раскажал дека борци на RSF убиле осум лица кои се криеле во просторија во логорот, пукајќи кон нив низ прозорец.
Силите за брза поддршка досега не одговориле на барањата за коментар. Претходно групата негираше дека намерно нанесувала штета на цивили и тврдеше дека ќе ги повика на одговорност своите припадници доколку се утврдат злосторства.
ОН наведуваат дека априлскиот напад бил вовед во подоцнежната офанзива врз градот ал-Фашир на северот на Судан кон крајот на октомври, кога припадниците на RSF се осомничени за егзекуции и киднапирања на илјадници луѓе. Судбината на поголемиот дел од жителите на градот и понатаму е непозната.