Археолози во близина на Помпеја открија фрески и простории скриени речиси две илјади години

Археолозите во околината на древниот римски град Помпеја открија нови фрески со исклучителни бои и детали, како и неколку досега непознати простории, соопшти Археолошкиот парк Помпеја, кој се наоѓа во близина на Наполи.

Откритијата се направени во Вилата Попеја, во древното населено место Оплонтис, во голема резиденција која датира од средината на првиот век пред нашата ера. Според проценките на археолозите, вилата најверојатно ѝ припаѓала на Попеја Сабина, втората сопруга на римскиот цар Нерон, или на нејзиното семејство.

Меѓу најзначајните наоди е речиси целосно зачувана фреска со пауница, на која ѝ недостасува главата, а која тематски се надоврзува на претходно пронајдената фреска со паун. Дополнително, откриени се и фрагменти од театарска комична маска, кои ги надополнуваат веќе познатите трагични маски од истата сала, што укажува на богатата симболика и културната вредност на внатрешната декорација на вилата.

При археолошките ископувања е пронајден и отпечаток од дрво во градината на вилата, создаден од зацврстената лава по ерупцијата на Везув, како и четири нови простории. За една од нив се смета дека била дел од термалниот комплекс на вилата.

„Овие откритија отвораат нови и ветувачки можности за истражување на распоредот на вилата, но и за проучување на долгорочната интеракција меѓу луѓето и природната средина“, изјави директорот на Археолошкиот парк Помпеја, Габриел Цухтригел.

Помпеја и нејзината околина, некогаш развиени и просперитетни урбани средини во близина на Наполи, биле уништени во катастрофалната ерупција на Везув во 79 година од нашата ера. Сепак, нивните остатоци преживеале со векови, сочувани под дебелите наслаги од пепел и лава, што овозможи денес да ни раскажуваат за секојдневниот живот во античкиот Рим.

Зачлени се на нашиот е-билтен