На Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“ во Белград вчера првпат на Балканот беше изведена роботски асистирана операција на срце, јавува Танјуг.
Досега ваков тип интервенции биле изведувани само во Италија и Полска.
Операцијата е реализирана со примена на робот од брендот „Микропорт Медбот“ (Microport Medbot), од кинеско производство, кој веќе е во клиничка употреба во речиси сите земји во светот.
Интервенцијата ја изведоа кардиохирурзите од Институтот „Дедиње“, Мирослав Миличиќ и Богдан Окиљевиќ, под стручен надзор и менторство на професорот Пјотр Сувалски од Националниот институт за медицина при Министерството за внатрешни работи и администрација на Полска.
Професорот Сувалски има најголем број изведени роботски асистирани кардиохируршки процедури во Европа и ќе биде клучен стручен консултант на Институтот „Дедиње“ во процесот на целосен развој и имплементација на роботски асистираната хирургија во наредниот период.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, изјави дека Институтот „Дедиње“ преминува на ново ниво, кое ќе ја разликува оваа клиника од поголемиот дел од другите во регионот.
Тој најави дека веќе од следната година Србија ќе започне со поширока примена на операции со помош на роботи.
„Влегуваме во набавка на роботи кои се покажале како ефикасни. Ќе имаме реални цени споредливи со оние во Европа, а ќе бараме за нас тие да бидат и најниски“, изјави Лончар.
Како што додаде, државата ќе отвори и тренинг-центри во Белград, кои ќе бидат наменети за целиот Балкан, а опремувањето и обуката на лекарите од Србија и регионот ќе започнат во наредните недели.
Според неговите зборови, обуката ќе започне со експерт од Полска, кој има најдобри резултати и најголем број изведени операции во Европа.
„Не излегувавме во јавноста додека не ја заокруживме целата приказна. Сега сме апсолутно подготвени во следната година, година и нешто повеќе, да ги опремиме сите наши клиники и да го оспособиме медицинскиот кадар“, истакна Лончар.